За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

23.6.2015 16:32:12

ДНЕВНИЦИ ЗА СЛУЖБЕНИ ПАТУВАЊА

Правото на дневница за службено патување во странство е уредено со член 113 став 1 точка 1 од Законот за работните односи (Службен весник на РМ број 145/2014) и член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (Службен весниик на РМ број 115/2014).

Пресметка на дневниците за службени патувања во странство (начинот и висината) со примена од 1 јануари 2015 година  се дефинирани во:

1) Уредбата за изменување на уредбата за издатоците за слжбени патувања и селидби во странство што на органите на државната управа им се признаваат во тековни трошоци (Службен весник на РМ број 90/14) и

2) Решение за највисоките износи на дневници за службени патувања и селидби во странство што на органите на државната управа им се признаваат во тековни трошоци (Службен весник на РМ број 19/14)

Со уредбата за службени патувања во странство се опфатени службени патувања во странство, издатоците и надоместоците кои се признаваат како тековни трошоци, начинот на утврдување на дневницата, како и пресметување на износот на надоместоците.

Под службено патување во странство се подразбира службено патување од РМ во друга држава, од една во друга држава и од едно место во друго на територија на друга држава.

Под селидба во странство се подразбира селидба на лице за службен престој од РМ во друга држава, од една држава во друга и од едно место во друго на територија на друга држава, како и враќањето во РМ.

Под издатоци за службено патување или селидба во странство се подразбираат издатоците за: сместување, исхрана и превоз на лицето кое патува, односно се сели, сместување на предметите (покуќнина) на лицето кое се сели, трошоци за членовите на неговото потесно семејство, прибавување патнички исправи, вакцинација и лекерски прегледи, користење на телефон и телеграми, изјамување на простории и опрема за состаноци, превозот од други држави со тешки климатски услови во РМ, надоместоци заради одвоен живот и други трошоци во согласност со Уредбата.

Налог за службено патување и/или Решение

Органот на управување (управителот), одлучува за организирање на службеното патување и издава налог за службено патување или со решение за службено патување. Решение за службен пат се издава кога трошоците за престој и сместување паѓаат на товар на друг субјект.

Налогот за службено патување во странство содржи: име и презиме на лицето кое патува, работното место, цел на патувањето, назив на државата и местото во кое што ќе патува,  датум на поаѓање и враќање, вид на превоз што ќе го користи и др.  Во налогот за службено патување се наведува дали на работникот му се обезбедени бесплатно сместување, односно исхрана. 

Решението за службено патување или селидба во странство ги содржи истите елементи, со тоа што задолжително се наведува трошоците за сместување и исхрана паѓаат на товар на друг субјект, орган или организација.

Издатоци за службени патувања во странство

 - Издатоци за сместување (ноќевање) – издатокот за сместување при службено патување во странство се пресметува врз основа на платена сметка за хотел со категорија до четири звездички. Сместување за дневен одмор не се смета за сместување.

 - Издатоците за исхрана – се составен дел на дневницата

 - Издатоците за превоз – се пресметуваат во висина на цената од патничката тарифа за превоз со средството, од оној вид и класа што е одобрено да се користи за службеното патување, како и во висина на цената на користеното средство за јавен превоз (транвај, автобус, метро). По исклучок, издатокот за превоз со такси возило се признава само за превоз од аеродорм до местото на сместување и обратно.

 - Други трошоци што ги направил работникот во врска со вршењето на работата поврзана со службеното патување, а по претходно овластување на работодавачот (пример: користење на телефон и други трошоци при службено патување, резервација за превозот, аеродормска такса, превоз на багажот и сл.)

По завршување на службеното патување работникот е должен во рок од 7 дена од денот кога службеното патување е завршено, да поднесе пресметка за патните трошоци и доказ за платениот износ за користениот превоз, хотел и другите трошоци поврзани со тоа патување и истите да ги приложи кон патниот налог. 

Сите приложени сметки/фактури да бидат преведени на макдоенски јазик, доколку се од странска држава.  Исто така, се приложува и писмен доказ за девизниот курс по кој се конвертирани девизите при службеното патување.

Дневници за службено патување од 01.2015 година

Пресметка на издатоците за службени патувања во странство преку   дневница се одредува со член 11 од Уредбата, и тоа на следниот начин:

 - една дневница за секои 24 часа поминати на службено патување и ако вкупното патување трае подолго од 12 часа;

 - половнина дневница за време од 12 часа поминати на службено патување, како во случај кога остатокот од времето во континуитет е подолг од 8 часа.

Нема дневница ако вработениот е на службен пат помалку од 8 часа, односно ако во истиот ден, дел од работното време го помине на работното место, а  еден дел е на службен пат, но помалку од 8 часа. Часовите поминати на службен пат по истекот на полното работно време му се сметаат за прекувремена работа.

А) во земјата

Дневниците за службено патување се пресметува од часот на тргнување на вработениот на службено патување до часот на враќањето со превозното средство.

Дневници за патување во земјата  во висина од 8% од  просечната месечна нето плата во стопанството исплатена во претходните три месеци

Б) во странство

Дневниците за патување во странство се определени за секоја држава посебно и се пропишани во износ од 100%, а во некои случаи посебно се пропишани за определени градвои (САД 100 долари, а Њуорк 120).

Дневницата определена за државата во која службено се патува се пресметува од часот на преминувањето на границата на РМ, а дневницата определена за државата од која се доаѓа до часот на преминувањето на границата на РМ.

Ако за службено патување се користи авион, дневницата се пресметува од часот на полетувањето од РМ до часот на враќањето на авионот во РМ.

Ако службено се патува во повеќе земји, во заминувањето се пресматува дневница утврдена за државата во која започнува службеното патување, а при враќање се пресметува утврдена за државата во која е завршено службеното патување. За секое задржување односно пропатување преку државата што трае подолго од 12 часа се пресметува дневница за таа држава.

Со измената на членот 10 на Уредбата, која ќе се применува од 01.01.2015 година, дневниците се пресметуваат на следниот начин:

 - 50% од утврдената дневница, ако се поднесе сметка за сместување, како и во случаи кога сместувањето на паѓа на товар на органот на управата,

 - 20% од утврдена дневница, ако издатоците за сместување и исхрана не паѓаат на товар на органот на управата,

 - 5% од утрдена дневница, ако издатоците за стручно оспособување и усовршување не паѓаат на товар на органот на државната управа, а престојот е над 30 дена. Под стручно усовршување се подразбира посета на семинари, курсеви, симпозиуми и други видови средби организирани во странство на мултилатерална и билатерална основа.

Напомена: Ослободен од оданочување со персонален данок на доход согласно со членот 6 на Законот за персонален данок на доход (Сл. весник на РМ бр. 80/93... и 13/14) и даночно признат расход согласно со членот 11 на Законот за данокот на добивка (Сл.весник на РМ, бр. 80/93.... и 13/14) е надоместокот на трошоци за службени патувања (дневници) на вработени лица во висина на најнискиот износ утврден со општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управата, а тоа е пропишаниот износ во горенаведената уредба. Според ова, од 01.01.2015 година, повисоко исплатените износи на дневници  за службени патувања во странство, во висина пропишана со уредбата, ќе бидат ослободени од оданочување со персонален данок и ќе се сметаат за даночно признати расходи.

ПРЕСМЕТКА НА  ДНЕВНИЦИ  при прекин на патување со авион / при патување со брод од 01.01.2015 година

Согласно  членот 15 на Уредбата, која ќе се применува од 01.01.2015 година, во случај на прекин на патувањето се пресметуваат на следниот начин:

 - Во случај кога заради прекин на патувањето со авион трошоците за исхрана и сместување ги сноси авионската компанија се исплатува 20% од утврдената дневница, односно 50% ако ги сноси само трошоците за сместување,

 - Ако цената на билетот за патување со брод се пресметани и трошоци за исхрана и ноќевање се исплатува 20% од утврдената дневница.

ПРЕСМЕТКА НА  ДНЕВНИЦИ при патување со кола за спиење од 01.01.2015 год.

Издатоците за користење на кола за спиење на службено патување во странство се пресметуваат во износ од 50% од утврдената дневница  ако:

 - Патувањето трае непрекинато најмалку 24 часа;

 - Се патува ноќе од 22 часот до 6 часот;

 - Се патува најмалку шест часа ноќе по 20 часот

ДНЕВНЦИ ЗА СЛУЖБЕНИ ПАТУВАЊА  на  НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА

Доколку на службено патување се прати лице кое што не е вработено кај правниот субјект, на пресметаните дневници и сите трошоци што се направени во врска со тоа службено патување се пресметува и плаќа персонален данок на доход по стапка од 10%, а вкупните трошоци се даночно непризнати трошоци.

КОРИСТЕЊЕ СОПСТВЕНО ВОЗИЛО ЗА СЛУЖБЕНИ ЦЕЛИ

Во случај кога при патување лицето има овластување (наведено во патниот налог) да користи сопствено возило за службени цели, надоместокот на трошоците се признаваат во висина од 30% од цената на литар гориво за соодветното возило по изминат километар, со тоа што до 3.500 денари месечно е ослободен од персонален данок, а за сите исплати над овој износ се пресметува и плаќа персонален данок по стапка од 10%. 

Пресметувањето и исплата се врши врз основа на патен налог (спецификација) а се признаваат според реално поминати километри  и приложени докази: сметка за гориво, запишување на почетна и крајна километража, патарини и др. Кон патниот налог се приложува и фотокопие од сообраќајната дозвола од возилото кое се користело на службеното патување.

ДОКАЗ ЗА СЛУЖБЕНО ПАТУВАЊЕ

Кога на службено патување во странство се упатуваат две или повеќе лица, за лицата за кои што нема никаков доказ дека биле на службено патување (пример, хотелска сметка, автобуска или авионска карта и слично) кон патниот налог се приложува фотокопија од пасошот. 

АВАНС ЗА СЛУЖБЕНО ПАТУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО

За секое патување во странство може да се изврши исплата на аванс во девизи, со подигање на девизни средства од банка , а може и конечната исплата исто така да се изврши во девизи на истиот начин. Исплатата може да се изврши и во денари , при што ке се изврши исплата по средниот курс на Народна банка.