За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

23.6.2015 16:01:04

ФИЗИЧКИ ЛИЦА/ГРАЃАНИ - ДДВ ОБВРЗНИЦИ

Физички лица/граѓани кои остваруват приходи од издавање под закуп или подзакуп на недвижен или движен имот (деловен простор, гаражи, простории за одмор и рекреација, земјиште, опрема, превозни средства и друг вид на имот), од 1 Јануари 2015 година имаат законска обврска да се регистрираат за целите на ДДВ, согласно член 51 од Законот за данок на додадена вредност (ЗДДВ)

Да напоменеме, дека согласно член 23 точка 2 од ЗДДВ, изнајмувањето на станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели, ослободени  се од обврската за плаќање на ДДВ без право на одбивка на влезниот ДДВ, што значи дека физички лица/граѓани кои изнајмуваат станови за станбени цели немаат обврска да се регистрираат за целите на ДДВ.

Даночното ослободување не важи за изнајмување на станбени простории и простории за ноќевање од страна на хотели, гостилници, пансиони и слични институции заради привремено сместување на трети лица.

Регистрација и престанок на регистрација за ДДВ

Издавање под закуп или подзакуп на движен (освен станбен простор кој се користи за станбени цели) и недвижен имот претставува дејност која според својата содржина е стопанска и оданочива, и регистрацијата за ДДВ треба да се изврши согласно условите пропишани во член 51 од ЗДДВ.

Имено, физичките лица/граѓани чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршење на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината да го надмине износот, обврзани се за регистрација за ДДВ.

Пријава за регистрација на ДДВ (Образец ДДВ-01) се поднесува до Управата за јавни приходи најдоца до:

- 15-ти Јануари: физичките лица кои во изминатата календарска година освариле     приходи од закупнини (на недвижен и движен имот)  над 1.000.000 денари

- 15-ти Јануари: физичките лица можат доброволно да се регистрираат кои         предвидуваат дека вкупните приходи од закупнини (на недвижен и движен имот) ќе го надмине износот од  1.000.000 денари во тековната каледнарска година и

- 15-ти во месецот кој следи по месецот: физичко лице кое во тековна календарска година ќе оствари приходи од закупнини (на недвижен и движен имот)  над 1.000.000 денари

УЈП  врши упис во регистарот на обврзници на ДДВ и на даночните обврзници им издава Решение во кое го одредува и даночниот период (месечен или тримесечен). Даночните обврзници регистрирани за целите на ДДВ остануваат регистрирани најмалку во рок од пет календарски години, независно од висината на вкупниот промет.  Доколку вкупниот промет во петтата каледнарска година не го надминува утврдениот литим, даночниот обврзник може по истекот на рокот да поднесе пријава за отповикување на регистрација за ДДВ до УЈП, кој му издава решение за бришење од регистарот на обврзници за ДДВ.

Прекинување на регистрацијата може да се оствари во покус рок од пет години со донесување на решение од УЈП кога:

а) во претходната календарска година се поднесени даночни пријави без искажување на данок за извршен промет и без искажување на претходен данок за одибвање;

б) во двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесува даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок на случаите кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночен обврзник или даочниот обврзник или увезени од него;

в) даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности;

г) даночниот обврзник не поднесува даночна пријава и тоа најмалку два даночни периоди кај месечните и тримесечните даночни обврзници;

д) кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување.

Пријава за престанок на регистрацијата за ДДВ, даночните обврзници поднесуваат најдоцна до 15 јануари во годината од која сакаат да престанат да бидат регистрирани за ДДВ.

Издавање фактура

Физичките лица/граѓани (даночен обврзник) кои се регистрирале за целите на ДДВ, со Решението за упис за регистрација за ДДВ, издаваат фактури со потпис и печат. Печат може да извадат кај овластени друштва за издавање на печати со приложување на Решението изадено од УЈП.

Фактурата се издава во два примерока, еден примерок за закупецот, а вториот примерок се чува во сопствената евиденција. Фактурата се издава месечно со датум утврден со Договорот за закуп, а најдоцна во рок од пет работни дена. Во случај на авансно плаќање на закупот, фактурата се издава во истиот ден кога се примени средствата на трансакциска сметка, а најдоцна во рок од пет работни дена.

1) Фактурата мора да ги содржи следните податоци:

2) Место, дата на издавање, број и валута – рок за плаќање (согласно Договорот за закуп)

3) Име, презиме и адреса на физичкото лице – даночен обврзник и неговиот даночен број под кој е регистриран за ДДВ со ознака МК

4) Име, презиме (назив) и адреса за закупецот

5) Опис – период (закуп за месец или од – до) и број на Договор за закуп

6) Износ на надоместокот на закупот (бруто износ = нето + персонален данок на доход) без ДДВ

7) Применета даночна стапка (18%)

8) Износ на пресметаниот ДДВ

9) Вкупен износ на надометокот

10) Потпис и печат на издавачот на фактурата

Фактурите (влезни и излезни) и другите документи (решенија, договори, евиденции, ДДВ пријави и сл.) даночните обврзници ги чуваат најмалку пет години по истекот на календарската година за која се однесуваат.

Даночна основа за пресметување на ДДВ

Согласно член 16 став 1 од ЗДДВ, даночната основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, или што треба да се добие за прометот, во кој не е вкупен данокот на додадена вредност.

Под надоместок од овој член се подразбираат пари, добра, услуги и други бенефиции според пазарната цена која ја плаќа или треба да ја плати закупецот.

Во даночната основа за ДДВ влегува и износот на персоналниот данок на доход, што значи дека во вкупен промет за целите на ДДВ влегува бруто надоместокот кој физичкото лице/граѓанинот го добива од изјамување на движен и недвижен имот.

Право на одбивка на влезникот ДДВ

Согласно член 33 и 34 од ЗДДВ, физичките лица/граѓани регистрирани за целите на ДДВ, имаат право на одбивка на претходниот – влезен ДДВ, под одредени услови.

Вкупниот износ на претходниот – влезен ДДВ се намалува од ДДВ-то што се должи за одреден период. Меѓутоа правото на одбивка на влезниот ДДВ може да се остави доколку набавените или увезените добра, односно примените услуги се:

- Од регистриран ДДВ обврзник,

- ДДВ-то е платено при увоз,

- Наменети за движен или недвижн имот кој е предмет на изнајмување;

- Поседува фактура која е издадена во согласност со член 53 и 53-б од ЗДДВ или царинска декларација во која е посебно искажан платениот данок за увозот.

Правото на одбивка на претходниот данок може да се користи доколку се исполнети сите наведени услови.

Набавка или увоз на фрижидери, аудио и видео апарати, теписи и усметнички предметки со кои се опремуваат деловните простории се исклучени од правото на одбивка на претходен ДДВ.

Согласно член 42 став 1 од ЗДДВ, физичките лица се должи да водат уредна и точна евиденција во поглед на основите на пресметувањето на данокот, особено на неговиот промет и претходниот данок кој може да се одбие, така што ќе се овозможи лесна проверка на евиденцијата. Евиденцијата се води врз основа на влезние и на излезните фактри, на царинските документи или на други пропишани документи, во рамките на роковите утврдени за плаќање на данокот.

Даночен период и плаќање на ДДВ

Даночниот период (месечн или тримесечен) УЈП  го определува со Решение,  во зависност од прометот кој го предвидел или го остварил, а за прв даночен период ќе му се смета само периодот од датумот на регистрација. Доколку даночниот обврзник престане со изнајмување на движен и недвижен имот во текот на даночниот период кој му е определен во зависност од прометот кој го предвидел или го остварил за последниот даночен период ќе му се смета само периодот до датумот на бришење од регистрација. УЈП со решение го менува даночниот период врз основа на податоците за остварениот промет од претходната година.

Даночниот обврзник го пресметува ДДВ-то за соодветниот даночен период (месечен или три месечен) според вкупно извршениот промет (излезни фактури). Од пресметаниот данок се намалува претходниот данок (влезни фактури)  кој може да се одбие доколку се исполнети сите услови, а кој се однесува на истиот даночен период, за кој се пресметува данок.

Даночниот обврзник е должен за секој даночен период да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на даночниот период во која сам го пресметува данокот. Даночна пријава се поднесува во утврдениот рок и кога во соодветниот даночен период даночниот обврзник нема извршено оданочив промет – нема издадено фактури и нема надомест од закуп.

Доколку даночниот обврзник утврди дека пријавил неточно или нецелосно промети, даноци или претходни даноци во одредена даночна пријава за соодветниот даночен период, должен е да изврши исправна на даночната пријава преку поднесување на нова исправна даночна пријава за тој даночен период и тоа најдоцна до рокот за доставување на годишни сметки (28.02). Исправката не се врши преку искажување на разликите во износите, туку преку искажување на целосните износи.

УЈП со решение ќе го утврди ДДВ-то за соодветниот даночен период, ако

- Даночниот обвзник не поднесе даночна пријава во пропишаните рокови;

- Данокот не е правилно пресметан, или ако не одговара на реално остварениот промет и

- Се утврди со контрола дека евиденцијата на даночниот обврзник е нецелосна или содржи неточни податоци.

При утврдувањето на данокот, соодветно се применуваат и одредбите на Законот за персоналниот данок од доход.

Данокот се плаќа во рок во кои се поднесува даночната пријава на сметките утврдени со посебни прописи.  Во случај на ненавремено плаќање на данокот по истекот на утврдените рокови, даночниот обврзник плаќа камата по стапка од 0,05% за секој ден задоцнување.

Аконтативна ДДВ пријава

Даночните обврзници регистрирани за цели на ДДВ (месечни и тримесечни), задолжително по електронски пат ги доставуваат даночните пријави на данокот на додадена вредност (ДДВ-04).  Системот Ве води како да ги пополните формулатире, Ве информа за грешки при пополнувањето и за успешно испратениот формулат до УЈП.

За  да ги користите електронските услуги на УЈП потребно е да поседувате:

- Дигитален сертификат на USB токен (издаден од овластен куќа) кој е неопходен при регистрација и електронско потпишувње на формуларите.

- Интернет – за пристап и непречено работење со д-Даноци, потребна е минимална интернет конкција со брзина 64 kbps и некој од следните пребарувачи: Internet Explorer 8, Mozilla Firebox или Google Chrome и

- е-пошта

Сите потребни информации за користење на електронските услуги на УЈП, постапката за регистрација, начинот на електронско пополнување на формулари се објавени на страната на УЈП на линкот https://etax-fl.ujp.gov.mk/

Прирачникот за регистрација, пријавување и плаќање на ДДВ-то може да го превземете на страната на УЈП  тука