За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

11.5.2015 14:42:20

ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРИДОНЕСИ КАЈ САМОВРАБОТЕНО ЛИЦЕ , ТРГОВЕЦ ПОЕДИНЕЦ И САМОСТОЈНИ ВРШИТЕЛИ НА ДЕЈНОСТ

Со најновите измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување објавени во Службен весник на РМ број 20/12.02.2015 год. и 48/25.03.2015 год. со примена од 12 Февруари 2015 год. обврзниците: адвокати, нотари, извршители, ревизори, стечајни управници и други трговци поединци и самостојни вршители на дејност, се дефинирани најниската и највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите.

Основицата за плаќање на придонеси кај оваа група на субјекти е дефинира во член 14 став 1 точка 4 од ЗПЗСО, а тоа е месечната аконтација на нето приход , односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно Законот за персонален данок на доход. Значи, основица за плаќање на придонеси е 1/12 од износот на данчната основа (нето приход пред даночување зголемен за непризнатите расходи, односно 1/12 од износот на АОП 20, односно 25 од ПДД-ДБ од последната годишна сметка.

Најниска основица за пресметка на придонеси

Доколку тој износ е помал од најниската основица плаќањето на придонеси се врши на следниот начин:

 - Вршителите на економска дејност (занаетчии, земјоделци, угостители и др) во 2015 година изнесува 50% од просечната плата (15.822 денари), а кај

 - Вршители на професионална и друга интелектуална услуга (адвокати, ревизори, нотари, извршители, стечајни управници) најниската основица е просечната плата по работник (31.644 денари)

Највисока основица за пресметка на придонеси

Највисока основица за пресметка на придонеси е  8 просечни плати (8 х 31.644) или за 2015 год. во износ од  253.152 денари. Доколку месечната аконтација на нето приходот, односно на пауално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок е повисок од највисоката основица (253.152 денари) тогаш придонеси ќе се плаќаат на утврдениот износ.

Стапки на придонеси

Кај ТП и СВД  се плаќа само придонес за ПИО во износ од 18%, придонес за задолжително здравство во износ од 7,3% и придонес за дополнително здравство во износ од 0,5%  (придонес за вработување не се плаќа) или вкупно 25,8%  на утврдена најниска или највисока основица.

Пример: плаќање на придонеси

Р.бр

опис

1 пример

2 пример

3 пример

1

Месечна акотација на нето приход

20.000

50.000

500.000

2

Основица за пресметка

31.644

50.000

253.152

3

Стапки на придонеси

25,8%

25,8%

25,8%

4

Износ на придонеси ( 2 х 3)

8.164

12.900

65.313

Измените на ЗПЗСО ќе се применуваат на пресметката и уплатата на придонесите за месец март 2015 година.

Адвокатската комора на РМ, во соопштението објавено на ден 29 април 2015 год. зазема категоричен став дека одредбите  за пресметка на придонесите согласно член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, апсолутно се неприменливи ниту за адвокатите, ниту за било кого, бидејќи се однесуваат на непостоечка категорија “месечна аконтација на нето приходот“  и воедно бараат целосно елиминирање на оваа законска одредба.

АКРМ се во преговори со УЈП околу измена на одредбите за пресметка на придонесите, но засега нема најавени измени во законот.

Во прекршочки одредби, согласно член 28-а од ЗПЗСО,  е предвидена глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност доколку обврзникот за пресметка и уплата на придонесите неправилно ја подготви пресметката и уплатата на придонесите ги изврши на погрешен износ (спротивно  на основиците утврдени во членот 14 од овој закон за соодветниот  месец)  и постапи спротивно на член 18 од овој закон.