За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

06.10.2015 07:48:06

ПРЕНОС НА УДЕЛ БЕЗ НАДОМЕСТ

Физичкото лице на кое е пренесен уделот без надомест (нов сопственик), врз основа на договор за подарок може да се оданочи или со персонален данок на доход согласно одредбите од член 55-а од Законот за персонален данок на доход (ЗПДД) или со данок на наследство и подарок согласно одредбите од член 10 до член 18 од Законот за даноците на имотот

Согласно Законот за трговски друштва, уделот во член 3 став 1 точка 49 се дефинира како севкупност на права и обврски кои содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина во друштвото со ограничена одговорност, при што секој содружник има еден удел кој не може да биде претставен во хартија од вредност. 

Согласно член 197 од Законот за трговски друштва, содружниците располагаат со уделите под услови утврдени во договорот за друштвото. Уделите во друштвото можат да се пренесуваат на начин и постапка определени со договорот за друштвото. Содружникот на друштвото може да го пренесе својот удел во целост или само дел од уделот. Уделот се пренесува со договор за пренос на удел заверен кај нотар. Секој пренос на удел што се врши на начин и според услови што се во спротивност со овој закон или со договорот за друштвото е ништовен.

Согласно член 198 од Законот за трговски друштва, удел може да се пренесе на трето лице само ако содружникот во потполност го уплатил својот влог. Правото на првенствено купување на удел се остварува според овој редослед: другите осдружници и лицето определено од друштвото. Ако другите содружници или лицето определено од друштвото не се изјаснат во рок од триесетина дена од пријавувањето на намерата за пренос на уделот, содружникот е слободен во остарувањето на правото на пренос нa својот удел, ако со дoговорот за друштвото не се определени посебни услови.

Во пракса доста често се врши промена на сопственост кај друштво со ограничена одговорност (ДОО) со склучување на договор за пренос на удел без надомест коj всушност претставува  договор за  подарување на удел. Преносот на удел без надомест  кај  ДОО  се врши меѓу следните лица:

-од физичко лице – сопственик на удел на друго физичко лице, без разлика дали другото физичко лице е веќе содружник во друштвото или станува збор за нов сопственик на удел или

-од правно лице – сопственик на удел  на физичко лице,  без разлика дали другото физичко лице е веќе содружник во друштвото или станува збор за нов сопственик на удел

Оданочување со персонален данок на доход

Пренесениот удел без надомест, односно подарениот удел ќе се оданочи со персонален данок на доход како друг прихот само доколку истиот не е претходно оданочен со данок на наследство и подарок.  Обврзник на данок на доход за другите приходи е физичкото лице кое се стекнува со хартии од вредност и учество во капиталот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.

Согласно член 71 и 73 од ЗПДД, физичкото лице за подарениот удел во рок од 15 дена од извршениот пренос на уделот до УЈП доставува образец ПДД-АДП/ДП – Аконтативна даночна пријава за остварени други приходи. Доколку физичкото лице не поднесе Аконтативна даночна пријава во предвидениот рок ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 – 1.000 евра во денарска противвредност.

Под пазарна вредност на учеството во капитал (удел) се подразбира вредноста утврдена според податоците од Македонската берза за хартии од вредност доколку котира на берзата, односно номиналната вредност на учество на капитал за оние кои не котираат на берза, УЈП врз основа на податоците од аконтативната даночна пријава ќе донесе решение за плаќање на персонален данок на доход. Данокот  се плаќа во рок од 30 дена од денот на утврдување на обврската.

Како основа за пресметување на данокот на другите приходи е номиналната вредност на уделот по даночна стапка од 10%.

Физичкото лице има обврска остварените други приходи да ги пријави во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход (Образец ПДД-ГДП), која до УЈП ја доставува најдоцна до 15 Март наредната година, независно што данокот е платен врз основа на Решението од УЈП.

Оданочување со данок на наследство и подарок

Данок на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на продолжување и користење на наедвижен имот кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договор за подарок. Исто така, данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парично побарување, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во РМ во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Даночна основа во однос на подарокот (пренесениот удел) настанува со денот на склучувањето на договорот за подарок, а обврзник кој не е во сродство со оставителот, данокот се пресметува по стапка од 4% до 5%.

Во Законот за даноците на имот се предвидени и даночни ослободувања, меѓу кои и дека наследниците, односно примателите на подарок од прв наследен ред се ослободени од обврската за плаќање данок на наследство и подарок.

ЗАКЛУЧОК: Според наведеното може да се заклучи следното:

-доколку физичко лице наследило или на подарок примило удел во некое трговско друштво и платило данок на наследство и подарок, за остварениот приход нема обврска да плати персонален данок на доход

-лицата кои согласно одредбите на Законот за даноците на имот се ослободени од оданочување со данокот на наследство и подарок, како што е случај со наследниците и примателите на подарок кои примиле удел чија вредност е пониска од износот на едногодишната просечна плата во РМ во претходната година, немаат обврска да платат персонален данок на доход.

Секое физичко лице кое примило удел без надомест во трговско друштво треба да ја спроведе следната постапка за оданочување:

До надлежната служба во општината да поднесе барање за даночно ослободување со приложени докази за да го искористи даночното ослободување од данок на имот за пренесениот удел без надомест;

Доколку за пренесениот удел без надомест не е ослободен од оданочувањето со данок на имот, за пренесениот удел без надомест може да одлучи:

-да поднесе барање до надлежната општина и да плати данок на имот или

-до УЈП да достави Образец ПДД-АДП/ДП – Аконтативна даночна пријава за остварени други приходи, врз основа на која УЈП ќе донесе Решение да плати персонален данок на други приходи.