За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

08.8.2015 05:47:31

ОДАНОЧУВАЊЕ СО ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК НА ДОХОД НА КАПИТАЛНИ ДОБИВКИ ОСТВАРЕНИ ОД ПРОДАЖБА НА АКЦИИ И УДЕЛИ

Најновите измени и дополнувања во Законот за персоналниот данок на доход (ЗПД) со примена од 17 Јули 2015 година (Службен весник на РМ бр.116/2015) се однесуваат на оданочување со персонален данок на доход на капитални добивки остварени од продажба на акции и удели.

Даночниот третман на капиталните добивки е пропишан во членовите 50 до 53 во Законот за персоналниот данок на доход (ЗПДД). Во член 50 став 1 и 2 од ЗПДД, капиталната добивка се дефинира како приход што обврзникот / физичкото лице го остварува од продажба на хартии од вредност, учество во капитал и недвижниот имот. Капиталната добивка преставува разлика меѓу продажната цена на хартиите од вредност, учеството во капиталот и недвижниот имот и куповната (набавната) цена.

Напомена: Остварените капитални добивки од продажба на хартии од вредност (акции и обврзници) ослободени се од оданочување со персонален данок на доход до 31.12.2015 година, согласно член 4 од Законот за изменување и дополнување на ЗПДД (Службен весник на РМ, бр.166/2012).

Како продажна цена при продажбата на хартии од вредност и учество во капиталот (удели) се смета договорената цена односно цената која УЈП ќе ја утврди ако оцени дека договорената цена е пониска од пазарната (член 50 став 4 од ЗПДД).

Капиталната добивка остварена со продажба на хартии од вредност, учество во капиталот, се оданочува во висина од 70% од разликата меѓу продажната и куповната (набавната) цена.

оданочување со 70%

пример:

Капитална добивка

пазарна вредност или утврдена вредност од УЈП - документирана набавна вредност =капитална добивка

4.800.000 - 3.000.000 = 1.800.000

даночна основа

капитална добивка  х 70% = даночна основа

1.800.000 х 70% = 1.260.000

персонален данок

даночна основа х 10% = персонален данок на доход

1.260.000 х 10% = 126.000

При продажба на уделите, УЈП има овластување да ја утврди продажната цена доколку оцени дека договорената цена е пониска од пазарната. Дефинирање на пазарната вредност на уделите во трговско друштво при нивна продажба, во услови на непостоење / отсуство на официјален пазар / берза за продажба и купување на удели во трговски друштва, економистите се на мислење дека пазарната вредност на уделот кој е предмет на купопродажба, би ја претставувала вредноста на капиталот на друштвото утврдена како разлика помеѓу вкупната актива (средства) на друштвото, со состојба на денот на продажбата.

Актива (средства) – Вкупни обврски (краткорочни+долгорочни) = Нето капитал

Нето капиталот на друштвото е проценета продажна цена на уделот – даночна основа

Во однос на продажба на удели, согласно член 197 од Законот за трговски друштва (Службен весник на РМ, БР. 28/04....88/15), содружниците располагаат со уделите под условите утврдени во договорот за друштвото. Уделите во друштвото можат да се пренесуваат на начин и постапка определени со договорот за друштвото. Содружникот на друштвото може да го пренесе својот удел, во целост или само дел од уделот. Уделот се пренесува со договор за пренос на удел заверен кај нотар. Секој пренос на удел што се врши на начин и според услови што се во спротивност на Законот за трговските друштва или со договорот за друштвото е ништовен. Согласно член 198 од Законот за трговските друштва, удел може да се пренесе на трето лице само ако содружникот во потполност го уплатил својот влог. Правото на првенствено купување на удел се остварува според овој редослед: другите содружници и лицето определено од друштвото. Доколку другите содружници или лицето определено од друштвото не се изјаснат во рок од триесет дена од пријавувањето на намерата за пренос на уделот, содружникот е слободен во остварувањето на правото на пренос на својот удел, ако со договорот за друштвото не се определени посебни услови.

Поднесување на аконтативна даночна пријава за остварени капитални добивки од продажба на удел

Физичкото лице кое ќе продаде удел, има законска обврска во рок од 15 дена од денот на остварување на капитална добивка да поднесе Аконтативна даночна пријава за утврдување на персонален данок на доход на капитални добивки од продажба на удел на образец ПДД-АДП/КД, до УЈП на чија територија се наоѓа живалиштето на даночниот обврзник – физичкото лице. За секоја остварена капитална добивка од продажба на удел се поднесува поединечна даночна пријава.

Аконтацијата на данокот на доход за капиталните добивки ја утврдува Управата за јавни приходи, со посебно решение, а врз основа на податоците од даночната пријава.