За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

21.12.2019 13:47:38

Општи услови за вршење сметководствени работи


Општи одредби

Член1

Општите услови за вршење на сметководствени работи ги утврдува КАУНТ во согласност со законските прописи  и ги објавува на својата интернет страница www.kaunt.mk

Член 2

Општите услови за вршење на сметководствени работи (во натамошниот текст: Општи/те услови) претставуваат составен дел на Договорот за вршење на сметководствени работи  (во натамошниот текст: Договор/от) склучен меѓу  друштвото за вршење на сметководствени работи КАУНТ ДООЕЛ Скопје со седиште на ул. 50-та Дивизија бр. 36 (во натамошниот текст: КАУНТ)  од една страна и Корисникот на услугите, од друга страна.

Член 3

Со Општите услови за вршење на сметководствени работи се уредуваат општи прашања и нормативни основи кои не се детално регулирани со Договорот и евентуалните анкеси на Договорот.

Договорените страни можат да ги менуваат и дополнуваат Општите услови за вршење сметководствени работи исклучиво врз основа на меѓусебна согласност, во рамките на Договорот за вршење на сметководствени работи, односно Анекс кон Договорот, кој претставува негов составен дел.

Основните меѓусебни права, обврски и одговорности меѓу  КАУНТ  и Корисникот на услугата се уредени со Договорот за вршење сметководствени работи. Ангажманот за вршење на сметководствени работи не може да отпочне пред  двостраното потпишување на Договорот.

Овластување на лице како вршител на сметководствените работи

Член 4

КАУНТ е овластено друштво за вршење на сметководствени работи со број на лиценца 071 0209 издадена од ИСОС на ден 23.06.2017 година,  согласно Законот за вршење сметководствени работи  и располага со стручен кадар и соодветна опрема за квалитетно извршување на сметководствените работи.

 За договорените сметководствените работи, КАУНТ  овластува соодветен вршител на сметководствени работи за Корисникот на услугите - Сметководител и/или Овластен сметководител кое поседува Уверение од ИСОС и е запишано во соодветниот регистар на ИСОС, и  писмено го известува Корисникот на услугите.

Доколку дојде до промена на овластениот вршител на сметководствени работи, Давателот на услугите е должен писмено да го извести Корисникот на услугите за новиот овластен вршител на сметководствени работи кои се предмет на овој договор.

Член 5

Пристапот на вработените во КАУНТ до електронската база на податоци во КАУНТ или кај Корисникот на услугата,  во функција на вршење на сметководствени работи, пресметка на плати и сл. е со посебни овластувања. Нивото на пристап и поединечниот влез во сметководствената програма се врши со поединечна лозинка на секој вработен во КАУНТ.

Член 6

КАУНТ сметководствените  услугите  ги извршува професионално со должно внимание, компетентност и трудољубивост и должност да го одржува своето професионално знаење и вештини на нивото потребно за компетентна услуга заснована на најновите случувања во практика, законодавството и техниките.

Сметководствените услуги се извршуваат согласно законската регулатива во РМ и подзаконските прописи како и останатите интерни и општи акти кои ја опфаќаат предметната материја за сметководствени услуги.

Место на вршење на сметководствените работи

Член 7

За место на вршење на сметководствени работи (локација), чување и рок за подигање на сметководствената документација  странките го утврдуваат  во Доворот за вршење сметководствени работи, поради одговорноста за чувањето на документацијата, (деловните трговски книги, годишните сметки и финансисите извештаи. 

Како место за вршење на сметководствени работи може да се дефинира:

- во просториите на КАУНТ со обврска на Корисникот на услугите редовно да ја  доставува целокупната деловна документација за евидентирање и нејзино превземање по писмно известување од КАУНТ  или

- во просториите на Корисникот на услугите со привремено доставување или превземање на документацијата во просториите на КАУНТ  заради евидентирање – книжење, по што  во рок од 30 дена  КАУНТ  е должен да ги врати документите во целост  со целосната сметководствена евиденција, заради чување  во деловните просториите  Корисникот на услугата.

Пресметка на плата и кадровска евиденција

Член 8

Пресметката на плата и додатоците на плата, за субјектите кои имаат над 50 вработени  се  врши врз основа на  усвоениот Правилник за работни односи и Правилник за внатрешна организација и систематизација на работни места и Договорите за вработување, во согласност со ЗРО и Општиот колективен договор за приватен сектор и важечките грански колективни договори.

Согласно член 19 став 2 од ЗРО,  субјектите кои имаат помалку од 50 вработени немаат обврска да  достават усвоен Правилник за внатрешна организација и систематизација на работни места, доколку истите бидат дефинирани во Договорот за вработување (кој задолжително се доставува) или да достават интерен акт со кој се регулирани посебните услови за вршење на работа на секое поединечно работно место.

Член 9

Без доставување и презентирање на усвоените  правилници  или акти од страна на Корисникот на услугата, Давателот на услугите не може да отпочне со ангажманот за пресметка на плати.

Корисникот на услугите може со КАУНТ да склучи и пооделен договор каде ќе ги уредат основните меѓусебни права, обврски и одговорности за пресметка на плата и кадровска евиденција.

Цена на услугите

Член 10

Цените на услугите, рокови и условите за плаќање, како и обезбедувањето на плаќата се дефинираат со Договорот, неговите Анекси во согласност со Ценовникот со основните критериуми за вршење на сметководствени работи на КАУНТ (во натамошниот текст: Ценовник), кој е посебен документ и е составен дел на Договорот. Цените во Ценовникот изразени во евра се  без пресметан ДДВ и плаќаат во денарска противвредност по среден курс на НБРМ.

Член 11

Месечниот надомест за сметководствените услуги се утврдува врз основа на основните критириуми за минимален месечен надомест, зголемен за сложеност на трудот, намален за 10% согласно наведените критериуми.

Утврдениот месечен надомест за сметководствените услуги, корисникот на услугите го плаќа од 01.04 во тековната година до 31.03. наредната година. По предавање на Годишната завршна сметка се врши анализа и редефинирање на цената на утврдениот месечен надомест заради промена на критериумите и нивно значително отстапување, по што се врши усогласување со задолжение/одобрение, а корисникот на услугите од 01.04. го плаќа новиот утврден месечен надомест.

Член 12

Цените на останатите  услугите наведени во Ценовникот претставуваат загарантиран износ под кој не може да се утврди цената во рамки на Договорот. За Корисникот на услугите  се меродавни цените наведени во Договорот и условите за утврдување на месечн надомест за вршење на сметководствени работи.

КАУНТ го задржува правото за  промена на цените на услугите во Ценовникот согласно нови измени и/или  промени во законите прописи во РМ.

Права и обврски  на Корисникот на услугите

Член 13

Корисникот на услугите  со склучувањето на Договорот  има право да бара објаснувања за законската примена на пропишаните закони и прописи кои се применуваат во неговите деловни книги и евиденции и континуирано или повремено, самостојно или преку стручно лице да врши контрола и ревизија на вршењето на сметководствените работи, односно водењето на трговските деловни книги (ДДВ пријави, годишна сметка и финансиски извештаи и Годишни даночни пријави).

Член 14

Корисникот на услугите   има законска  обврска и одговорност за изготвување и усвојување на  избраните    сметководствени политики, кои треба  да ги презентира и достави до КАУНТ (во хартиена или електронска форма).

Сметководствените политики може да ги изготви и КАУНТ, како посебен ангажман и по цена која ќе биде договорена со Корисникот на услугите  со склучување на пооделен договор.

Член 15

Корисникот на услугите  има законска обврска пред да ги достави сметководствените документи во КАУНТ да изврши контрола и ликвидација, преку својот законски застапник, односно од него овластено лице, кое може да биде одговорно за контрола на сите или само на одредени видови на сметководствени докумени. Корисникот на услугите   до КАУНТ доставува писмено известување за овластено лице  за комуникација и доставување на деловна документација.

Член 16

Корисникот на услугите  има законска обврска во своите простории да води денарска и девизна благајна, изготвува благајнички извешати, потпишани и одобрени од овластено лице, изготвува патни налози за службени патувања согласно законските одредби и упаство од КАУНТ, води материјална евиденција на залихите и изготвува пропишани извештаи (обрасци) за трговија на големо и мало согласно Законот за трговија и Законот за регистрирање на готовински исплати.

Член 17

Корисникот на услугите   има законска обврска да обезбеди/доставува оргинална оформена документација – на службен јазик и да ја обезбеди читливоста на истите согласно роковите за чување на документацијата, согласно законските и даночните прописи и упаставата од КАУНТ  и ги почитува утврдените рокови за доставување на истата до КАУНТ.

Доколку Корисникот на услугите оформената документација  ја доставува во КАУНТ, за истата  составува  спецификација  со датум на предавање  и потпис примил/предал.

Доколку Корисникот на услугите документите ги процесира по електронски пат, во форма на датотеки погодни за обработка и вчитување во сметководствената програма, е одговорен за точноста и веродостојноста на така доставената документација. 

Член 18

Сите формални и материјални неточности на сметководствените документи, прекршувањето и неприменувањето  на материјалните законски одредби, пробивањето на роковите, како и непочитувањето на условите и пропишаните начини, правила и процедури, кои се направени по вина на Корисникот на услугите, не ја активира одговорноста на КАУНТ.

Член 19

Листа на ненаплатени побарувања и неплатени обврски на Корисникот на услугите, ја составува КАУНТ врз основа на сите аналитички евиденции на Клиентот. Усогласување на салдата и сета останата службена преписка со комитентите претставува обврска на Корисникот на услугите.

Член 20

Корисникот на услугите   има законска обврска  и одговорност најмалку еднаш годишно да  формира пописна комисија и направи попис на целиот имот - средства, залихи, побарувања, обврските и сите средства затекнати на денот на пописот, согласно Правилникот за начинот на вршење на пописот на средствата и обврските. Пописната комисија донесува план за пописот, обезбедува соодветни документи – докази (имотни листови, договори, сообраќајни дозволи и сл.) прави попис на целокупниот имот, побарувањата и обврските и изготвува пописни листи. Пописната комисија врши усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот. За утврдените разлики од пописот составува  извештај (за утврден кусок-вишок, кало, растур и крш, отпис на побарувања и обврски и сл.).  Овластеното лице во правното лице донесува  Одлука за утврдените разлики од пописот со која сметководството го задолжува  да  спроведе соодветни книжења и пресметка даноци согласно законските прописи.  

КАУНТ без доставена Одлука за утврдените разлики од пописот од страна на Корисникот на услугите  во сметководствената евиденција не врши затварање на отворени ставки, освен на случаите кога се исполнети законските услови за вредносно усогласување (отпишување) на побарувањата, залихите и сл. средства, односно обврски, поради исполнети законски услови – застареност на побарувањата / обврските, истечен рок на употреба на залихите.

Член 21

Чувањето на деловните книги и евиденции е обврска на Корисникот на услугите . Рокот за чување почнува да тече со крајот на каледнарската година на последната спроведена евиденција.

Трајно се чуваат:

- Годишните сметки (БС и БУ)

- Финаниските извешати (БС, БУ, Извештај за промените во главнината, извештај за паричните текови, применетите сметководствени политики и други објаснувачки белешки подготвени во согласност со меѓународните сметководствени стандарди и меѓународните стандарди за финансиско изведстување) и

- Документите за пресметка на плата.

Десет години се чуваат:

- Трговски книги, сметководствени документи, записи, пописи и други документи во врска со ентитетот;

- Деловни писма и кореспонденции и

- Сметки за книжење.

Пет години се чуваат:

- Документите за дневниот готовински промет и други документи.

Права и обврски  на КАУНТ

Член 22

Со склучување  на Договорот за вршење сметководствени работи, овластениот вршител на сметководствени работи  има право од Корисникот на услугите  да бара потребни упатства и објаснување, усно или во писмена форма,  за одредени направени дејствија за исправно толкување и соодветно евидентирање согласно законските прописи во деловните книги.

Член 23

КАУНТ, сметководството го води во согласност со прописите и стандардите од областа на сметководството и на начин кој овозможува стручно трето лице во соодветен рок да стекне преглед над работењето на Корисникот на услугите  и деловните дејствија за нивното настанување, развој и завршување. Евиденцијата, вклучувајќи ја и онаа во електронска форма КАУНТ ја врши целосно, точно, навремено, веродостојно и уредно, согласно со доставената изворна документација од страна на Корисникот на услугите.

Готовинскиот промет на Корисникот на услугите , КАУНТ го бележи континуирано – по редослед на неговото настанување.  

Книжењето и друго евидентирање, вклучувајќи ја и евиденцијата во електронска форма, КАУНТ не ја менува на начин што првобитната содржина не може да се утврди. КАУНТ не врши измени во евиденцијата на Клиентот кои би го направиле неизвесно утврдувањето на времето на нивното спроведување – претходно или дополнително.

Член 24

КАУНТ организира  работилници или советувања за исправна примена на законски прописи за своите Ккорисници на услугите, согласно законските измени и потребите на Корисниците на услуги.

КАУНТ  е должен на Корисникот на услугите  да:

- му даде стручна помош при превземање на одредени дејствија во вршењето на дејноста;

- му даде потребни упаства (технички и административни) за правилна, навремена и вистинита примена на законските прописи;

- му помогне правилно да ги примени стандардите и останатите законски прописи и да го спречи нивното кршење;

- му даде подршка при отстранување на евентуалните неправилности.

Член 25

КАУНТ може да ја одложи контролата од страна на Корисникот на усугите поради оправдани причини (присуство на надворешна контрола, болест на сметководителот или овластениот сметководител и сл.)

Член 26

Деловните книги и другите евиденцвии на Корисникот на услугите кои се уредно доставени во деловните простории во КАУНТ, се чуваат и архивираат и тоа за тековната и претходната година. Деловните книги и другите евиденции на Корисникот на услугите, дури и ако за нивното водење не постои законска обврска, во секое време се достапни за овластени надлежни институции и за Корисникот на услугата или од него овластено лице.

Ограничување на одговорноста на Каунт

Член 27

КАУНТ е одговорно за евентулната штета што ќе ја претрпи Корисникот на услугите  по вина на КАУНТ, на начин утврден согласно Законот за облигационите односи.  КАУНТ не е одговорно за било каква штета што ќе настане како резлутат на непочитување на законските и договорените рокови за доставување на документацијата или на други потребни податоци или информации кои ќе го доведат КАУНТ во ситуација својот ангажман да го извршува во непримерно кратки рокови.

Член 28

КАУНТ не одговара за евентулна штета која ќе произлезе од стиуација во која овластениот вршител на сметководствени работи постапува во согласност со ставовите на стручната јавност или дел на стручната јавност, кога се работи за примена на прописите кои се недоволно прецизни заради што во праксата се јавуваат различни толкувања и постапувања во врска со таквите прописи.

Член 29

При вршење на курирски услуги (достава) сите ризици за транспорт со документите паѓаат на товар на Корисникот на услугите, освен во ситуациигте кога ќе се утврди дека КАУНТ постапувало со крајно невнимание (небрижност). Евентуалното осигурување на документите при транспорт и ракување (манипулација) преставува обврска на Корисникот на услугите.

Во услови на извршување на електронско плаќање, КАУНТ не одговара за евентулната штета што ќе настане заради прекин на интернет комуникација, телефонски врски, недостапност на сервиост на кабелскиот оператор и на слични сервиси кои не се под контрола на КАУНТ.

Член 30

За вршењето на сметководствени работи, КАУНТ склучува договор за годишно осигурување со осигурително друштво. Евентуално настанатиот штетен настан најпрво се покрива од полисата издадена од осигурително друштво, согласно со одредбите на договорот за осигурување.

Член 31

КАУНТ нема да толерира и да поддружва било какви плаќања од страна на Корисникот на услугите, негов деловен партнер или пак од страна на трето лице кое по природа претставува подмитување, подметнување или ополномоштување на трансакции заради постигнување на недозволени цели во корист на Корисникот на услугите.

Откажување на Договорот за вршење на сметководствени работи

Член 32

Отказен рок за раскинување на Договорот помеѓу КАУНТ и Корисникот на услугите  е 30 (триесет) календарски дена, од денот кога едната договорена страна  предала писмено известување за раскинување на договорот на другата договорена страна и тоа по пошта со потврда за прием на пратка или со писмена достава на адресата – седиште на една од договорените страни.

Договорот може предвремено да биде раскинат од страна на КАУНТ  без претходно писмено известување, доколку Корисникот на услугите  нe воспостави контакт  повеќе од 30 дена со Корисникот на услугите, за што е должна да ја извести УЈП.

Член 33

Во отказниот рок Корисникот на услугите  е должен да ги подмири паушалните договорени месечни обврски  спрема Давателот на услугите  без обврска на оработка на доставената документација. По подмирените обврски од страна на Корисникот на услугите, КАУНТ   е должен во рок од 8 дена:

- писмно ги извести сите надлежни институции дека повеќе не е овластен и одговорен за водење на деловните книги на Корисникот на услугите,

- со спецификација му ги предаде деловните книги (целокупната сметководствена документација), книговодствена евиденција (аналитики, синтетика, главна книга),  матична, споредна и архивска евиденција која ја поседувал и водел за Корисникот на услугите.

Доколку  Корисникот на услугите   не ја преземе својата  документација во наведениот рок, КАУНТ писмено го опоменува и рокот за превземање на документација го продолжува за 30 календарски денови, за што Корисникот на услугите  плаќа надомест за чување и архивирање на документацијата согласно Ценовникот. После истекот на 30 каленарски денови по доставената опомена, КАУНТ целокупната документација може да ја отстрани без никаква одговорност за евентуалните штетни последици што може да настанат за Корисникот на услугите.

Член 34

Договорените страни можат да склучат Договор со извршна клаузула, солеминизирана кај нотар, со што истиот би стекнал сила на извршена исправа.

Решавање на спорови

Член 35

Евентуалните спорови кои произлегуваат од Договорот, неговите Анекси, Ценовникот или овие Општи услови, договрените страни се обврзуваат да се обидат да ги решат спогодбено или преку медијатор, арбитража (медијација). Страната која е незадоволна од текот на мирното решавање или од одлуката на арбитража на спорот можат да иницираат судска постапка.

Други одредби

Член 36

Корисникот на услугата е должен до КАУНТ да ги достави сите информации во врска со промена на податоците кои се наведени во Договорот и Анексите, вклучувајќи и информации за менување на телефонски броеви и е-маил адреси.

Член 37

КАУНТ не смее договорените работи да ги отстапи на друго друштво за вршење на сметководствени работи.

Член 38

Циркуларните писма (известувања) кои КАУНТ ги составува и ги доставува до Корисникот на услугата  преку неговото електронско сандаче и кои истовремено ги истакнува на својата интернет страница, доколку содржат 

упатства и налози за однесување на Корисникот на услугата  во одредени ситуации, имаат сила на утврдување на нов (изменет) Општ услов, и со нив се усогласуваат Договорот и неговите Анекси.

Се смета дека Корисникот на услугите  е информиран за содржината на циркуларното писмо следниот ден од денот на доставување или обидот за доставување на писмото преку испорака или обид за испорака на писма по е-пошта на е-маил адреса, наведена во Договорот и Анексите, односно наредниот ден од денот на истакнувањето на циркуларното писмо на интернет страница на КАУНТ, www.kaunt.mk, а евентуалните обврски за договорените страни  стануваат полноважни најдоца во рок од 8 (осум) каледнарски дена, во кој период се потпишуваат измените на Договорот.

Изјава за согласност за обработка на лични податоци

Член 39

На основа на член 6 од Законот за заштита на лични податоци (Службен весник на РМ бр. 7/05...153/15), со потпишување на Договорот за вршење на сметководствени работи  ја  изразувам својата согласност со оваа изјава за обработка на моите лични податоци од страна на КАУНТ Скопје, со регистрирано седиште на ул. 50 Дивизија бр. 36, локал 5, 1000 Скопје за извршување на договор кој ме врзува мене/мојата компанија и КАУНТ.

Исто така сум согласен и  ја давам мојата согласност за пренос на моите лични податоци на правни лица и надлежни институции во согласност со законските одредби.

Согласноста за обработка изразена погоре, ги вклучува и следните лични податоци: име и преизме, електронска адреса (е-маил), телефонски број, место на работа и негова адреса, положба, обвразование, искуство, професионални достигнувања.

Со ова потврдувам дека сум известен/-а за моето право на:

- пристап и промена на моите лични податоци;

- оправдано барање во писмена форма за блокирање на обработка на моите лични податоци поради посебна причина/ситуација;

- приговор на обработката на моите лични податоци ако контролорот има намера да изврши обработка во маркетиншки цели;

- приговор во случај на пренос на моите лични податоци на некој друг контролор;

- како и тоа дека давањето на моите лични податоци е доброволно.

Изјава за согласност за добивање на комерцијални и финансиски информации по електронски пат

Член 40

Врз основа на Законот за заштита на лични податоци (Службен весник на РМ бр. 7/05...153/15) со потпишување на Договорот за вршење на сметководствени работи  ја  изразувам мојата  согласност со оваа изјава за добивање на комерцијални и финансиски информации по електронски пат од КАУНТ Скопје, со регистрирано седиште на ул. 50 Дивизија бр. 36, локал 5, 1000 Скопје.

Бр. 0101/62

25.09.2017 год.

                                                                                          КАУНТ дооел Скопје

                                                                                 Управител, Светлана Јовановска