За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

21.8.2015 09:48:18

Закон за прекршоци (Службен весник на РМ, бр. 124 од 23.07.2015 год.)


Со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи

Во овој текст ќе ги издвоиме прекшочните санкции кои можат да се пропишат и изречат согласно новиот Закон за прекршоци (ЗП) определени за правно лице и трговец поединец.

Начело на законитост во определувањето на прекршоците и во пропишувањето на прекршочните санкции: На никого не може да му биде изречена прекршочна санкција за прекршок кој, пред да е сторен, не бил со закон определен како прекршок и за кој со закон не била пропишана санкција.

Прекршочна постапка може да води и прекршочна санција може да изрече само надлежен суд, но за одделни прекршоци определени со закон прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрекува и прекршочен орган. Против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита.

Како новини во пропишувањето и изрекувањето прекршочни санкции од овој закон, ќе ги издвоиме:

-можност за изрекување на санкцијата Забрана на вршење професија, дејност или должност како самостојна санкција;

-можност за пропишување глоба за правно лице во процентуален износ од вкупните приходи на правното лице за одделни прекршоци од областа на заштита на конкуренција најтешко категоризираните прекршоци од областа на животната средина, како и во други области определени со закон;

- можност за изрекување опомена на правното лице.

ПРЕКРШОЧНА ОДГОВОРНОСТ  на физичко лице,  правно лице  и за прекршок на друг

За одговорност на физичко лице доволна е небрежност, доколку со законот во кој е пропишан прекршокот не е определено дека на сторителот ќе му се изрече прекршочна санкција само кога прекршокот е сторен со умисла. На одговорно лице во правно лице или трговец поединец ќе му се изрече прекршочна санкција за прекршок кога до извршување на прекршокот дошло со негово дејствие, пропуштање на дејствие и негово пропуштање на должен надзор (Член 6).

Правното лице може да одговара за прекршок само ако тоа е посебно определено со законот со кој е пропишан прекршокот.  Правното лице е одговорно за прекршок ако до извршување на прекршокот дошло со дејствие, пропуштање на дејствие или со пропуштање на должен надзор од страна на надлежниот орган или на одговорното лице во правното лице или со дејствие или пропуштање на друго лице кое било овластено да постапува од името на правното лице, во рамките на својот надзор, или кога тоа ги пречекорило своите овластувања заради остварување корист за правното лице. Прекршочната одговорност на правното лице не ја исклучува одговорноста на сторителот на прекршокот. За делата определени со закон прекршочно се одговорни сите правни лица, со исклучок на Република Македонија, државните органи и советите на единиците на локалната самоуправа. Правно лице кое е во стечај е одговорно за прекршок извршен пред започнувањето на стечајната постапка и може да му се изрече само посебна мерка на конфискација на имот, имотна корист и одземање на предмети (Член 7).

Одговорното лице во правно лице или трговец поединец, во случаите предвидени со закон, одговара за прекршок сторен од вработен во тоа правно лице или кај трговец поединец, ако до извршување на прекршокот дошло со пропуштање на должниот надзор врз работењето. Одговорноста на одговорното лице во правното лице или трговецот поединец не ја исклучува одговорноста на сторителот (Член 9, став 2 и 3).

ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ

Прекршоците и прекршочните санкции се утврдуваат со посебни закони, а со ЗП се утврдуваат видовите санкции и нивната висина, односно, односно времетраењето за кое можат да бидат изречени, односно со ЗП се утврдуваат само општите услови за пропишување на прекршоците, за утврдување прекршочна одговорност и изрекување на прекршочните санкции.

За сторен прекршок, со ЗП утврдени се одделни санкции за полнолетни и прекршочни санкции за малолетни сторители, а посебни санкции се утврдени за правно лице и одговорно лице во правното лице.  Во член 4 од ЗП утврдени се следниве санкции:

-прекршочни санкции за полнолетни сторители,

-прекршочни санкции за деца,

-прекршочни санкции за правни лица и

-посебни прекршочни мерки. 

За прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:

опомена, која се изрекува наместо глоба за прекршок сторен под такви олеснителни околности кои го прават особено лесен. Таа може да се изрече и ако прекршокот се состои од неисполнување на порпишаната обврска, или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок, ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета (член 18)

глоба се пропишува и изрекува како главна санција и се состои во плаќање на определн паричен надоместок, во износ од: за физичко лице, од 15 до 1.000 евра во денарска противвредност; за одговорното лице во правното лице и трговец поединец 30% од одмерената глоба за правното лице, односно трговец поединец, за службено лице од 50 до 2.000 евра во денарска противвредност.

ЗП предвидува можност со закон со кој се пропишува прекршокот, да се пропише повисока глоба од определената со ЗП.

За прекршоците сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба од двојниот износ од санкцијата или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до дваесеткратен износ на глобата пропишана за физичко лице, односно службено лице. Рокот за доброволно плаќање на глобата изнесува 30 дена од денот на правосилноста, односно конечноста на одлуката (член 15).

За прекршок за кој се изрекува глоба со издавање на мандатен платен налог, глобата за физички лица не може да биде поголема од 500 евра, а за службено лице не може да биде поголема од 1.000 евра во денарска противвредност.

забрана на вршење на професија, дејност или должност, која покрај изрекувањето заедно со глобата, може да се изрече и како самостојна санкција во случаите определени со закон.

На сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење на определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок.  Намалено е и траењето на оваа санкција и утврдено е дека Судот оваа санција ја определува најдолго до една година, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, а прекршочниот орган санкцијата може да ја изрече во траење од најмалку 3  дена до најмногу 30 дена.

ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ ЗА ПРАВНО ЛИЦЕ  И ТРГОВЕЦ ПОЕДИНЕЦ

За сторен прекршок од страна на правно лице и трговец поединец, согласно член 38, можат да се изречат следниве санкции:

-опомена,

-глоба и

-привремена забрана за вршење одделна дејност.

Опомена како прекршочна санкција за правно лице 

Опомената може да се изрече за прекршок сторен под особено олеснителни околности, ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната обврска или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок, ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета. 

Глоба

Глоба се изрекува во износ од:

од 200 до 5.000 евра во денарска противврдност  за правното лице

од 50 евра од 2.000 евра во денарска противвредност за трговец поединец

За прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба до двојниот износ од максимумот на оваа санкција или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до дваесеткратен износ на претходно наведените глоби.

ЗП остава можност со законот со кој се пропишува прекршокот да се пропише и повисока глоба.  Со законот со кој се пропишува прекршокот за изрекување глоба со мандатен платен налог може да се пропише износ кој не може да биде поголем од 1.500 евра во денарска противвредност за правно лице односно 1.000 евра во денарска противвредност за трговец поединец.

За одделни прекршоци од областа на заштита на конкуренција, најтешко категоризираните прекршоци од областа на животната средина, како и во други области определени со закон може да се пропише глоба во процентуален износ кој изнесува до 2% од вкупните приходи на правното лице во претходната финансиска година, а во однос на одделни прекршоци од областа на електронски комуникаци до 10% од вкупните приходи на правното лице во претходната финансиска година.

Одмерување на глобата

Со одредбите од член 39 од ЗП, висината на глобата се утврдува врз основа на следните критериуми:

-вкупен приход остварен во претходната фискална година;

-просечен број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец во однос на месецот во кој е сторен прекршокот и

-претходно поведение на сторителот 

По основ на критериумот – вкупен приход остварен во претходната фискална година,  може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба на следниов начин: 

од 0 до 500.000 денари....................................................10%

од 500.001 до 1.000.000 денари..................................... 20%

од 1.000.001 до 3.000.000 денари.................................. 30%

од 3.000.001 до 6.000.000 денари.................................. 40%

од 6.000.001 до 20.000.000 денари................................ 50%

од 20.000.001 до 100.000.000 денари............................ 60%

над 100.000.000 денари................................................... 70% 

Доколку правното лице односно трговец поединец во Централниот регистар на Република Македонија нема поднесено годишна сметка за претходната фискална година од која може да се утврди вкупниот приход, при одмерување на висината на глобата ќе се земе во предвид просечниот вкупен приход на ниво на дејност која ја врши сторителот на прекршокот.

По основ на критериумот – просечен број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец во однос на месецот во кој е сторен прекшокот, може да се изрече најмногу до 20% од пропишанта глоба и тоа на следниот начин: 

од 0 до 9 вработени.................................  5%

од 10 до 49 вработени............................ 10%

од 50 до 249 вработени........................... 15%

над 250 вработени................................... 20% 

По основ на критериумот – претходно поведение на сторителот, може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин: 

нема изречени правосилни прекршочни санкции........................   0%

изречени прекршочни санкции....................................................... 10%

Висината на глобата се одредува како процент од пропишаниот износ на глобата, а одмерувањето на висината на глобата според утврдените критериуми се врши на тој начин што процентот од пропишаниот износ претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата во која влегува сторителот во рамките на секој  пропишан критериум. На сторител на ист прекршок, за секое наредно повторување на прекршокот, одмерената глоба на овој начин му се зголемува за по 10%, но не повеќе од двократниот износ на пропишаната глоба за временски период од 5 години. За два или повеќе прекршоци во стек, се изрекува единствена глоба која претставува збир на поединечно одмерени глоби која не може да го надмине законскиот максимум на глобата пропишана за тој прекршок за правното лице, односно одговорното лице.

ПРИМЕРИ:

1)Ако пропишаната глоба е во износ од 2.500 евра, по критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година, ако остварениот приход изнесува 3.000.000 денари, на сторителот по овој основ може да му се одмери глоба во висина од 30%; по критериумот број на вработени, ако кај сторителот се вработени 2 вработени, по овој критериум може да му се одмери глоба во висина од 5%; а по критериумот – претходно однесување на сторителот, ако досега не изрекувани правосилни прекршочни санцкии, по овој критериум нема да му се определи процент од глобата, што значи дека овој сторител може да му се одмери глоба во висина од 35% (30%+5%) од пропишаната глоба или 875 евра во денарска противвредност (2.500 евра х 35%). За одговорното лице во правното лице прекршочната казна изнесуца 30% од одмерената глоба што според податоците од нашиот пример би изнесувало 262,50 евра (875 евра х 30%).

2)Ако пропишаната глоба е во износ од 2.500 евра, по критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година, ако остварениот приход изнесува 8.000.000 денари, на сторителот по овој основ може да му се одмери глоба во висина од 50%; по критериумот број на вработени, ако кај сторителот се вработени 9 вработени, по овој критериум може да му се одмери глоба во висина од 5%; а по критериумот – претходно однесување на сторителот, ако досега не изрекувани правосилни прекршочни санцкии, по овој критериум нема да му се определи процент од глобата, што значи дека овој сторител може да му се одмери глоба во висина од 55% (50%+5%) од пропишаната глоба или 1.375 евра во денарска противвредност (2.500 евра х 55%). За одговорното лице во правното лице прекршочната казна изнесуца 30% од одмерената глоба што според податоците од нашиот пример би изнесувало 412,50 евра (1.375 евра х 30%). 

3)Ако пропишаната глоба е во износ од 2.500 евра, по критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година, ако остварениот приход изнесува 26.000.000 денари, на сторителот по овој основ може да му се одмери глоба во висина од 60%; по критериумот број на вработени, ако кај сторителот се вработени 19 вработени, по овој критериум може да му се одмери глоба во висина од 10%; а по критериумот – претходно однесување на сторителот, има изречени правосилни прекршочни санцкии, по овој критериум ќе му се определи 10%  од глобата, што значи дека овој сторител може да му се одмери глоба во висина од 80%  (60%+10%+10%) од пропишаната глоба или 2.000 евра во денарска противвредност (2.500 евра х 80%). За одговорното лице во правното лице прекршочната казна изнесуца 30% од одмерената глоба што според податоците од нашиот пример би изнесувало 600 евра (2.000 евра х 30%).

Привремена забрана за вршење на одделна дејност

Во одлуката со која на правното лице односно трговец поединец се изрекува санкција привремена забрана за вршење на одделна дејност, се наведува дејноста чие вршење му се забранува на правното лице односно трговец поединец.

Санкцијата привремена забрана за вршење на одделна дејност на правно лице односно трговец поединец, може да се изрече ако постои опасност со вршењето на таква дејност правното лице односно трговец поединец да изврши повторно прекршок опасен за животот или здравјето на луѓето или прекршок со кој може да се нанесе имотна штета на друго правно лице односно трговец поединец или на граѓани, или ако на правното лице односно трговец поединец во последните две години му е изречена прекршочна санкција поради ист или сличен прекршок. Со законот со кој се пропишува прекршокот, може да се пропише задолжително изрекување на санкција забрана за вршење на одделна дејност на правно лице односно трговец поединец.

Судот го определува траењето на оваа санкцијата кое не може да биде пократко од три месеци ниту подолго од три години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.

Прекршочниот орган оваа санкцијата може да ја изрече во траење од најмалку три дена до најмногу 30 дена. Санкцијата привремена забрана за вршење на дејност не може да се изрече на правно лице основано со закон.

Ако правното лице не ја плати глобата во определениот рок (од осум до 30 дена), ќе се спроведе присилно извршување, согласно одредбите од Законот за даночната постапка.

Посебни прекршочни мерки

Со овој закон се предвидени  посебни  прекршочни мерки како  конфискација на имот и имотна корист  и одземање на предмети.  За конфискација имот и имотна корист прибавена со прекршок  и одземање на предмети, соодветно  се применуваат одредбите за конфискација на имот и имотна корист и одземње на предмети од Кривичниот законик.

Застареност

Окот на застареност на поведување и водење на прекршочна постапка изнесува 3 години  од денот кога е сторен прекршокот, а рокот на застареност за извршување на прекршочни санкции изнесува 3 години од правосилноста на одлуката за прекршокот.

Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното гонење, односно извршување.