21.8.2015 09:23:50
Закон за трговија (Службен весник на Р.М, број 31/93........129/2015)
Со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки (Службен весник на РМ, бр. 129 од 31.07.2015 год.)
Во глава VII – ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ во член 55, 56, 57, 57-а, 58, 58-а и 58-г се предвидени глоби за сторен прекршок.
Член 55 (1) Глоба во износ од 700 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако:
1)не го објави местото и времето на јавната аукциска продажба согласно со членот 17 став 2 од овој закон;
Јавната и аукциската за продажба (трговија) на големо и мало се врши со јавно објавување на местото и времето на вршењето на јавната и аукциската продажба
2) не се придржува на условите за јавна аукциска продажба согласно со членот 17 став 4 од овој закон;
Условите за организирањето на јавната и аукциската продажба, пописот на производите кои задолжително се продаваат со јавна или аукциска продажба, начинот на работењето и постапката на продажбата со јавна или аукциска продажба ги пропишува Владата на предлог на министерот за економија.
3)вршителот на трговија од врата на врата врши продажба на производи кои не се определени од Владата (член 20 став 2);
Владата ги определува производите што можат да се продаваат од врата до врата. (Одлука за определување на производите што можат да се продаваат од врата до врата(Службен весник на РМ бр 49/2004)
4)не го пријавил исполнувањето на условите од членот 22 на овој закон и започнувањето со работа на продажниот и деловниот објект согласно со членот 23 од овој закон;
Трговецот кој врши трговија на големо и мало во продавница, магацин, склад и деловни простори, зелен пазар, посебни пазари на големо и мало, автоплацеви и/или бензински станици мора да ги исполнува минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија и е должен започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат и на надлежниот орган на општината, односно Градот Скопје најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на продажниот или друг деловен објект.
5)не истакнал лиценца за продажба на алкохолни пијалаци на видно место во продажниот објект (член 23-а став 7);
Трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалоци, за продажбата на алкохолни пијалоци е должен да поседува лиценца. Министерот за економија на барање на трговецот на мало издава лиценца. Секоја промена која влијае на условите потребни за издавање на лиценцата трговецот на мало е должен да ја пријави до Министерството за економија во рок од пет дена од денот на настанувањето на промената.
Трговецот на мало е должен да ја истакне лиценцата на видно место во продажниот објект.
6)на видно место во продажниот објект не истакнал натпис во смисла на членот 24 став 2 од овој закон;
Трговецот е должен на видно место во продажниот објект да истакне натпис со големина 20 х 50 см со содржина “забранета е продажба на алкохолни пијалаци и цигари на лица со возраст под 18 години и енергетски пијалаци на лица со возраст под 14 години
7)започнал со работа во колективна станбена зграда и деловно станбена зграда пред 6,00 часот и не завршил пред 24,00 часот (член 25 став 3);
Должината и распоредот на работното време што трговецот самостојно го утврдил треба да се усогласат со правата, обврските и одговорностите на вработените од работен однос утврдени со закон со кој се уредуваат работните односи, особено во поглед на распоредување на работното време и прекувремената работа, ноќната работа, одморите, годишниот одмор и другите отсуства од работа и во согласност со ограничувањата утврдени со прописите од областа на заштита од бучава. Продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно-станбени згради не можат да почнат со работа пред 06,00 часот и мора да завршат со работа до 24,00 часот.
8)не го пријавил часот, времето за пауза и распоредот на работното време во Централниот регистар најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот, времето за пауза и распоредот на работното време на продавниците, магацините, складовите, бензинските станици и деловните простори (член 26 став 2)
Трговецот е должен часот, времето за пауза и распоредот на работното време да го пријави на Централниот регистар најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот, времето за пауза и распоредот на работното време на продавниците, магацините, складовите, бензинските станици и деловните простори. Во случај на објективни причини што бараат затворање на продавниците, магацините, складовите, бензинските станици и деловните простори или измена на работното време, а на кои трговецот не може да влијае, трговецот може да престане со работа, односно да го измени работното време без да го пријави на Централниот регистар, меѓутоа за причините е должен да го извести надлежниот орган на општината, односно на Градот Скопје и на Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат во рок од пет дена од денот на престанокот со работа. и
9)евиденцијата не се наоѓа во соодветната деловна просторија во која се врши трговијата и во секое време не биде достапна на надлежните инспекциски органи (член 28 став 2).
Трговецот е должен да води евиденција за набавка и продажба на стоките на големо и мало, како и за давање на трговски услуги согласно со закони и други прописи. Евиденцијата што ја води трговецот мора да се наоѓа во соодветната деловна просторија во која се врши трговија и во секое време да биде достапна на надлежните инспекциски органи.
(2)За прекршоците од став 1 на овој член на правното лице, односно трговец поединец Државниот пазарен инспектор ќе му издаде прекршочен платен налог.
(3)За дејствијата од став 1 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговец поединец, во висина од 30% од глобата која ќе му се одмери на правното лице, односно на трговецот поединец.
(4)По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е должен да ја плати изречената глоба согласно ставовите 1 и 3 на овој член, во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.
(5)Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член, ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
(6)Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.
(7)Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата во рокот од став 4 на овој член, државниот пазарен инспектор поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до Прекршочната комисија.
Член 56 Глоба во износ од 1000 евра во денарска противредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако:
1)врши трговија на големо пред магацините, складовие и деловните простори (член 8 став 1);
Трговија на големо не може да се врши пред магацините, складовите и деловните простори.
2)врши трговија на мало и дава услуги во трговијата пред продавниците, односно деловните простори за кои нема одобрение од општината, односно од градот Скопје (член 8 став 2)
Трговија на мало и давање услуги во трговијата може да се врши пред продавниците, односно деловни простори со одобрение донесено врз основа на одлука на советот на општината, односно на Градот Скопје. и
3)не утврди и не истакне пазарен ред и не се придржува на пазарниот ред и работното време (член 14 став 3).
Трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, под услови пропишани со закон и друг пропис, ги издава продажните места само на трговци или занаетчии кои се регистрирани во соодветниот регистар, земјоделските производители кои се регистрирани, односно евидентирани согласно со закон, лицата кои се занимаваат со земјоделство, како и лицата кои се во работен однос или се пензионери, а не се вршители на земјоделска дејност е должен да утврди и истакне пазарен ред и да се придржува на пазарниот ред и работното време. Работното време на зелените пазари на кои се врши трговија на големо и мало го определува советот на општината, односно на Градот Скопје.
За прекршоците од став 1 на овој член на правното лице, односно трговец поединец Државниот пазарен инспектор ќе му издаде прекршочен платен налог.
За дејствијата од став 1 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговец поединец, во висина од 30% од глобата која ќе му се одмери на правното лице, односно на трговецот поединец.
По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е должен да ја плати изречената глоба согласно ставовите 1 и 3 на овој член, во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен наслог на сметката означена во платниот налог.
Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член, ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата во рокот од став 4 на овој член, државниот пазарен инспектор поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до Прекршочната комисија.
Член 57 Глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако:
1)не води евиденција за набавка и продажба на стоките, како и за вршење на трговски услуги согласно со закон или други прописи (член 28 став 1);
Трговецот е должен да води евиденција за набавка и продажба на стоките на големо и мало, како и за давање на трговски услуги согласно со закони и други прописи. Евиденцијата што ја води трговецот мора да се наоѓа во соодветната деловна просторија во која се врши трговија и во секое време да биде достапна на надлежните инспекциски органи.
2) не доставил евиденција на продавачи од врата до врата до надлежниот орган за јавни приходи на подрачјето на општината, односно на градот Скопје (член 20 став 4);
Трговија на мало може да се врши од врата до врата со склучување на договори меѓу трговецот кој е регистриран за продажба од врата до врата и потрошувачот. Директни продавачи од врата до врата можат да бидат независни комерцијални агенти, дистрибутери, вработени или само вработени претставници за што тие мора да имаат идентификациона легитимација за настап кај потрошувачот, која ја издава трговецот. Трговецот е должен евиденцијата на продавачи од врата до врата да ја достави до надлежниот орган на управата за јавни приходи на општината, односно на Градот Скопје.
3)врши трговија на големо на пазарите на мало или врши трговија на мало на пазарите на големо (член 7);
На пазарите на големо може да се врши само трговија на големо, а на пазарите на мало само трговија на мало. Трговија на големо не може да се врши пред магацините, складовите и деловните простори. Трговија на мало и давање услуги во трговијата може да се врши пред продавниците, односно деловни простори со одобрение донесено врз основа на одлука на советот на општината, односно на Градот Скопје.
4)ја врши трговската дејност без да се исполнети пропишаните минимално-технички услови, како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршењето на трговијата (член 22 став 1);
Продавниците, магацините, складовите и деловните простори, зелените пазари, посебните пазари на големо и мало, автоплацеви и бензинските станици, определени во членовите 10, 12, 13 ставови 1 и 2, 15, 16 и 18 на овој закон за вршење на трговија на големо и мало мора да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија.
5)врши продажба на алкохолни пијалаци без да поседува лиценца за продажба на алкохолни пијалаци (член 23-а став 1)
Трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалоци, за продажбата на алкохолни пијалоци е должен да поседува лиценца. Министерот за економија на барање на трговецот на мало издава лиценца. Секоја промена која влијае на условите потребни за издавање на лиценцата трговецот на мало е должен да ја пријави до Министерството за економија во рок од пет дена од денот на настанувањето на промената. и
6)врши трговија на стоки во киосци, автомати и продажба од улични продавачи на места кои не се определени од советот на општината, односно од градот Скопје (член 16 став 2).
Како посебни начини на вршење на трговија се смета и вршењето на трговија на посебно организирани пазари, продажба преку пошта, на киосци, продажба по пат на автомати, телевизија, интернет продажба, подвижни улични продавачи, на организирани саеми, продажба од врата до врата, стопански изложби, изложбени салони, панаѓури и продажби организирани за хуманитарни и спортски цели. Трговија на стоки во киосци, автомати и продажба од подвижни улични продавачи може да се врши само на места определени со одлука на советот на општината, односно на Градот Скопје.
Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако:
1)врши продажба на алкохолни пијалаци во продавница во состав на бензинска станица, во продавница во состав на зелен пазар и преку киоск во трговијата (член 24-а став 1);
Се забранува продажбата на алкохолни пијалоци во продавниците во состав на бензинските станици, во продавниците и преку киосците во трговијата.
2)врши продажба на алкохолни пијалаци од 19,00 часот до 6,00 часот наредниот ден (член 24-а став 2)
Се забранува продажбата на алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден. и
3)врши продажба на алкохолни пијалаци од 21,00 часот до 6,00 часот наредниот ден во периодот од 1 мај до 30 септември (член 24-а став 3).
Во периодот од 1 мај до 30 септември забраната за продажба на алкохолни пијалаци е од 21,00 часот до 06,00 часот наредниот ден.
За дејствијата од ставовите 1 и 2 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговец поединец, во висина од 30% од глобата која ќе му се одмери на правното лице, односно на трговецот поединец.
Во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член ќе се изрече и посебна прекршочна мерка одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
Член 57-а Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице кое купува алкохолни пијалоци од 19:00 до 06:00 часот наредниот ден ( член 24-а став 3).
Државниот пазарен инспектор за прекршокот од став 1 на овој член може да изрече мандатна казна во износ од 50 евра во денарска противвредност.
Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на родител или старател на дете, односно штитеник ако неговото дете, односно штитеник со возраст под 18 години купува алкохолни и енергетски пијалоци ( член 24 став 3);
За прекршоците од овој член прекршочната постапка ја води и прекршочната санкција ја изрекува надлежниот суд.
Член 58 (1)Глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако:
1)врши продажба на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари на лица со возраст под 18 години (член 24 став 1);
Трговецот на мало не смее да врши продажба на алкохолни и цигари на лица со возраст под 18 години и на енергетски пијалаци на лица со возраст под 14 години.
2)на зелените пазари и посебно организираните делови на зелените пазари врши трговија на големо и мало на други стоки кои не се определени од страна на советот на општината, односно од градот Скопје (член 13 став 4);
Одлука за определување на стоките кои можат да се продаваат на посебно организирани делови на зелените пазари(Службен весник на РМ бр 49/2004)
3) ги издава продажните места на лица кои не се регистрирани во соодветниот регистар, односно не се евидентирани согласно со закон (член 14 став 1);
Трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, под услови пропишани со закон и друг пропис, ги издава продажните места само на трговци или занаетчии кои се регистрирани во соодветниот регистар, земјоделските производители кои се регистрирани, односно евидентирани согласно со закон, лицата кои се занимаваат со земјоделство, како и лицата кои се во работен однос или се пензионери, а не се вршители на земјоделска дејност.
4) на посебно организирани пазари врши трговија на стоки кои не се наведени во членот 15 од овој закон;
На посебно организирани пазари може да се врши трговија на мало на стари моторни возила, стари автоделови, земјоделски алати, добиток, живина (опрема и сточна храна), огревно дрво, режана и тесана граѓа и на употребувани производи под услови пропишани со закон и друг пропис. Трговија на мало на стари моторни возила може да се врши и на посебно уреден простор за продажба на стари моторни возила-автоплацеви.
5) не се придржува на мерките од членот 30 на овој закон;
Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај на:
-природни и други непогоди во Република Македонија, кога настанале или би можеле да настанат сериозни пореметувања во трговијата, пореметувања во снабдувањето на населението или пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните;
-сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните;
-нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки;
-воена состојба или непосредна закана за независноста и интегритетот на Република Македонија и
-потреби за осигурување на производите, суровините и репродукциониот материјал што се од посебно стратешко значење за одбраната на Република Македонија.
Владата може да ги пропише ограничувањата во вршењето на трговијата во наведените случаи само ако пореметувањето не може да се отстрани со други мерки или ако потребите не можат да се намират од стоковите резерви, со увоз или други мерки на трговската политика, во согласност со обврските кои произлегуваат од меѓународните договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.
Во наведените случаи Владата може да ги пропише следниве мерки:
-ограничување на трговијата на одделни стоки или посебни услови за трговија на одделни стоки;
-определување на највисоки цени за одделни производи и услуги во производството и прометот;
-ограничување на извозот или увозот на одделни стоки или пропишување на посебните услови за увоз или извоз на одделни стоки;
-забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока;
-обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед;
-обврска за одделни трговци да чуваат определена количина и вид на стоки и
-забрана на употреба на одделни стоки во производството на други стоки.
-ограничување на бројот на употребувани моторни возила кои физичките лица-граѓани за сопствени потреби можат да ги увезуваат и ограничување на временскиот период на увоз;
Трговецот е должен да се придржува на мерките
6) врши трговија на нафтени деривати спротивно на членот 12 став 3 од овој закон
Трговија на мало со нафтен дериват - екстра лесно масло за домаќинство на бензинските станици, не смее да се врши на правни и физички лица за погон на моторни возила, пловни објекти, пловила, или други мотори и машини или други намени, освен како гориво за греење. и
7) постапува спротивно на членот 25 ставови 1 и 2 од овој закон.
(1)Работното време на продавниците, магацините, складовите, деловните простори и бензинските станици го утврдува трговецот зависно од бројот на вработените.
(2)По исклучок од ставот 1 на овој член работното време е 24 часа на бензинските станици на кои точењето на гориво се врши без лица за опслужување, односно со ставање на пари, магнетни или чип картички и функционираат на принцип на самопослужување.
Во случаите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член на правното лице односно трговец поединец ќе им се изрече посебна прекршочна мерка одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
Глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за прекршоците од ставот 1 точки 2 и 4 на овој член.
На физичките лица од став-- на овој член ќе им се изрече посебна прекршочна мерка одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
Глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице кое врши трговска дејност и дава услуги во трговијата без да е регистриран.
За дејствијата од став 1 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговец поединец, во висина од 30% од глобата која ќе му се одмери на правното лице, односно на трговецот поединец.
Кога прекршокот од ставот 1 на овој член е сторен со цел за сторителот за себе или за друго лице да прибави имотна корист или прекршокот е сторен од организирана група на лица или во текот на календарската година сторителот го повтори прекршокот од ставот 1 на овој член, надлежниот суд може да изрече глоба во износ од 12.000 евра во денарска противвредност.
За дејствијата од ставот 1 точки 1, 2, 3, 6 и 7 на овој член на правното лице односно трговец поединец може да му се изрече прекршочна санкција забрана за вршење на одделна дејност поврзана со сторениот прекршок во траење од три месеци до шест месеци.
Член 58-а Прекршочната постапка по прекршоците предвидени во овој закон не може да се поведе, ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот.
Постапката по прекршоците утврдени во член 55 и член 56 од овој закон ја води прекршочната комисија, а по прекршоците утврдени во член 57 и член 58 од овој закон надлежниот суд.
Против одлуката на прекршочната комисија може да се поднесе жалба до Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Член 58 –г Одмерувањето на висината на глобите на правното лице односно на трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.