26.6.2015 10:33:06
Закон за даночна постапка (Службен весник на РМ, бр. 13/06...129/2015)
Со овој закон особено се уредува: општото даночно право; постапката на утврдување на данок; постапката на контрола на данок; постапката на наплата на данок; правата и обврските на даночниот обврзник; и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка
Начело на временско важење на даночните прописи
Член 7 Даночната обврска се утврдува врз основа на законите кои биле во сила во време на нејзиното настанување, освен ако, во согласност со закон, за одделни одредби кои се однесуваат на даночна обврска е пропишано да имаат повратно дејство.
Дејствијата во даночната постапка се регулирани со прописите кои се на сила во времето кога се преземаат.
Прекршочен орган
Член 178-а Управа за јавни приходи е надлежна за водење на прекршочна постапка и за изрекување на прекршочни санкции за прекршоците пропишани со овој закон, Законот за данокот на добивка, Законот за персоналниот данок на доход, Законот за данокот на додадена вредност, Законот за регистрирање на готовинските плаќања, Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување и Законот за игри на среќа и забавните игри .
Прекршочната постапка ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Комисија за прекршоци), именувана од страна на директорот на Управата за јавни приходи.
Прекршочниот орган во прекршочна постапка одлучува и изрекува прекршочни санкции.
Против решенијата на прекршочниот орган со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Забрзана постапка – постапка за издавање на прекршочен платен налог
Член 178-г (1) За сите прекршоци за кои е надлежна Управата за јавни приходи, даночните инспектори или други овластени лица (во натамошниот текст: овластени лица), при констатирање на прекршокот должни се на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка.
(2)Постапка за издавање на прекршочен платен налог е задолжителна.
(3)Доколку овластеното лице констатира прекршок, е должен да состави записник во кој ќе ги забележи сите битни елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието и лицата затекнати на самото место, и да го понуди на сторителот на прекршокот/одговорното лице во правното лице или лице кое има писмено овластување дека има право да го потпише записникот, истиот да го потпише во знак на согласност.
(4)По исклучок од ставот (3) од овој член, ако овластеното лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, односно со податоци од службена евиденција записникот го потпишува само овластеното лице.
(5)Ако овластеното лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, овластеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог.
(6)Прекршочниот платен налог содржи: лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука.
(7)По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно став (6) на овој член во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.
(8)Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (7) на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
(9)Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.
(10)Сторителот којшто со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со прекршочниот платен налог.
(11)Ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставот (7) на овој член, овластеното лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за прекршоци.
(12)Органот надлежен за покренување на прекршочна постапка во случајот од ставот (5) на овој член може привремено да ги одземе патната исправа или личната карта за странец и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но најдолго осум дена од денот на одземањето.
(13)Овластените лица се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози од ставот (5) на овој член и за исходот на покренатите постапки.
(14)Во евиденцијата од ставот (13) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.
(15)Личните податоци од ставот (14) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.
(16)Министерот за финансии ја пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог .
Постапка за едукација
Член 178-д Доколку даночниот обврзник за прв пат стори неправилности во смисла на:
членот 38 став (5) од Законот за даночна постапка - поднесување пријава за регистрација во рок од пет дена од денот на започнување на дејност за доделување на ЕДБ,
членот 64 од Законот за персонален данок на доход – Обврзникот е должен деловните книги, другата евиденција и документацијата да ги чува во деловната просторија. Ако водењето на деловните книги е доверено на регистриран финансиско-книговодствен сервис, деловните книги и документацијата се чуваат во просториите на тој сервис.
и членот 7 од Законот за регистрирање на готовински плаќања - Даночниот обврзник е должен, на видно место, да постави соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка.
овластениот даночен службеник е должен да состави известување за констатираната неправилност со укажување истата да биде отстранета во рок од пет дена. Едновремено овластениот даночен службеник му врачува покана за спроведување на едукација на лицето или субјектот каде е утврдена неправилноста.
Доколку даночниот обврзник за прв пат стори неправилности во смисла на член 51 став (10) од Законот за данокот на додадена вредност но неправилноста ја отстрани во рок од пет дена по истекот на пропишаниот рок или овластениот даночен службеник ја констатира истата неправилност во рок од пет дена по истекот на пропишаниот рок од истиот член на овој закон, во тој случај овластениот даночен службеник е должен да состави известување за констатираната неправилност со укажување истата да биде отстранета во рок од три дена. Истовремено овластениот даночен службеник му врачува покана за спроведување на едукација на лицето или субјектот каде е утврдена неправилноста. -
член 51 став (10) од Законот за данокот на додадена вредност - Сите даночни обврзници, чиј вкупен промет (збир на прометот што го направил обврзникот во текот на календарската година , вклучувајќи го и данокот кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка во претходниот данок. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година) и кој е предмет на оданочување во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност, поднесуваат пријавата најдоцна до 15 јануари во тековната година Обврската за регистрација за данокот на додадена вредност не се однесува за даночни обврзници во смисла на член 32 точка 4 и член 46 од овој закон. Ако даночниот обврзник започнал да ја врши својата дејност (првото вршење на активност на даночниот обврзник како прва извршена набавка на добра (основни средства, трговска стока и друго), користена услуга (закуп, истражување на пазар и друго), извршен промет на добра или услуга) во текот на календарската година, регистрацијата се врши со започнувањето на вршењето на дејноста, пријавата се поднесува во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста. Ако во текот на годината даночниот обврзник го надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, регистрацијата се врши по истекот на месецот кога е остварен прометот даночниот обврзник поднесува пријавата најдоцна до 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот. Во случаите од членот 9-а став 2 на овој закон, надлежниот даночен орган врши упис во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност, веднаш по утврдувањето.
Едукацијата ја организира и спроведува Управата за јавни приходи, во рокот од три дена од денот на констатираната неправилност и може да се спроведе за повеќе утврдени исти или истородни неправилности за еден или за повеќе субјекти.
Доколку во закажаниот термин лицето или субјектот над кој се спроведува едукација не се јави на едукацијата, ќе се смета дека едукацијата е спроведена.
Доколку лицето или субјектот над кој се спроведува едукација се јави на закажаната едукација и истата ја заврши, ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдената неправилност.
Доколку овластениот даночен службеник при спроведување на контролниот надзор утврди дека не се отстранети утврдените неправилности од ставовите (1), (2) и (3) од овој член, за констатираниот прекршок на сторителот на прекршокот му предлага постапка за порамнување.
Член 178-е Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.
Во ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ во член 179, 179-а, 170-б, 179-в и 179-г се предвидени глоби за сторен прекршок (Службен весник на РМ, бр. 129 од 31.07.2015 год.)
Член 179: (1) Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник-правно лице и трговец поединец за прекршок ако не учествува во утврдувањето на фактичката состојба согласно со членот 50 ставови (1), (2) и (3) од овој закон.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за дејствието од ставот (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(4)За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице и трговец поединец може да му се изрече забрана за вршење на дејност односно професија во траење од 30 дена.
Член 179-а (1)Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник-правно лице и трговец поединец за прекршок, ако:
1)не ги чува деловните книги и евиденции согласно со членот 48 став (1) од овој закон; - трговски книги, сметководствени документи, записи и пописи, годишна сметка и финансиски извешати, белешки за применети сметководствени политики и други документи во врска со организацијата; деловни писама и кореспонденции и сметки за книжење мора уредно да се чуваат во рок од 10 години, а другите документи доколку имаат значење за оданочување како и дневниот готовински промет, мора да се чуваат во рок од 5 години и
2)не пријави факти битни за оданочување согласно со членот 49 од овој закон - Даночниот обврзник мора да ги пријави сите факти битни за оданочувањето, особено: основањето, преместувањето и престанокот на трговското друштво или деловната единица или почетокот на вршење на стопанска дејност, промена на престојувалиште, како и други факти чие пријавување е законски пропишано. Покрај тоа мора да го пријават и: основањето или купувањто на претпријатија или деловни потфати во странство; учество во странски персонални друштва или нивното откажување или промена, и здобивањето со учества во капитални друштва во странство, како и промени во нивниот процент на учество. Пријавата се доставува до УЈП во рок од еден месец од денот на настанувањето на околностите кои мора да се пријават.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за дејствието од ставот (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 150 до 450 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(4)За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице и трговец поединец може да му се изрече забрана за вршење на дејност односно професија во траење од 30 дена.
Член 179-б (1)Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник-правно лице и трговец поединец за прекршок, ако:
1)на барање на Управата за јавни приходи не ги дава сите потребни информации, не достави, или не достави на посочено место на увид и проверка на деловните книги и евиденции, деловната документација и други исправи согласно со членот 60 од овој закон;
Во барањето за давање информации мора да се наведе на кого и за што се однесуваат. На барање на лицето кое е должно да даде информација, барањето мора да се поднесе во писмена форма. Од други лица, освен од даночниот обврзник, треба да се побара информација или поднесување на документи, дури тогаш кога фактичката состојба од страна на даночниот обврзник не води кон целта или не ветува успех.
Доколку барањето на информација или приложувањето на документи се упати на трети лица, во него треба да се наведе дека тоа ќе биде потребно за оданочување на други лица. Лицето именувано за давање информација е должно да дава веродостојни и потполни информации и истите да ги дава со целосна одговорност. Оваа обврска се однесува и за приложување на документи.
Потребните информации можат да бидат дадени во писмена форма, електронски, усно на записник или телефонски. Управата за јавни приходи може да побара информациите да бидат дадени и во писмена форма, доколку ова е од значење во постапката.
На барање на Управата за јавни приходи даночниот обврзник или лицата од кои се бараат информации, се должни да обезбедат читливи и некриптирани податоци кои се наоѓаат во уред за складирање, медиум или се обезбедуваат согласно со членот 60-а од овој закон, како и да обезбедат корисничко име и лозинка за пристап до истите.
Управата за јавни приходи може да го повика лицето кое е должно да даде информација, тоа да го стори усно во нејзините службени простории. Ова особено се однесува на случаите кога бараната информација во писмена форма според ставот (6) на овој член не била дадена, или бараната информација во писмена форма не ја разјаснила фактичката состојба. За информацијата дадена усно во службените простории на Управата за јавни приходи мора да се состави записник. Записникот ги содржи имињата на присатните лица, местото, денот и битната содржина на информацијата, а се потпишува од лицето кое ја составува информацијата и лицето кое ја дава информацијата. На барање од лицето кое дало усна информација мора да му се даде препис од записникот.
2)не дозволи да се изврши увид на предмети, простории или земјиште, односно низ нив или преку нив да се помине заради увид (член 64 став (1));
Сопственикот или корисникот на предмети, простории или земјиште е должен во тек на вообичаеното негово работно време да дозволи да се изврши увидот, доколку тоа е потребно за даночната постапка, за што мора однапред во соодветен рок да биде известено за увидот.
3)не ги изврши работите од членот 97 став (3) на овој закон - да дава информации; да достави на увид и контрола деловни книги, евиденции, деловна документација и други исправи; да ги дава потребните појаснувања за разбирање на неговото даночно објаснување и книговодство и да му дава подрдршка на инспекторот за надворешна контрола при извршувањето на неговата обврска за истражување.
4)на инспекторот во постапката на контрола не му дава информации и книги, белешки, документи и деловна документација согласно со членот 99 од овој закон;
5)ја оневозможува постапката на присилна наплата согласно со членот 137 став (7) од овој закон;
Даночниот извршител е овластен да ги одалечи лицата кои го оневозможуваат спроведувањето на присилната наплата – попис на движни ствари, како и да побара помош од оранот за внатрешни работи, ако оневозможувањето продолжи или ако лицето кое ги поседува стварите одбие да ги направи достапни за употреба и спроведување на присилната наплата;
6)по извршениот попис на имотот истиот го отуѓи или оштети (член 136 ставови (1) и (2));
По доставувањето на решението, на должникот во присилната наплата не му е дозволено да располага со предметите од присилана наплата на кои е воспоставен залог, освен на недвижностите. Со решението за присилна наплата од парични средства на должникот во присилната наплата, се запираат сите финансиски трансакции преку сметката на даночниот обврзник, освен трансакциите кои се однесуваат за намирување на данокот.
7)ја попречува постапката за попис на имот ( членови 137 и 138);
Заради составувањето на пописот, даночниот извршител има право да влезе на земјиштето и просториите во кои должникот во присилната наплата ја врши својата дејност, а со судски налог и во стан на должникот во присилната наплата.
8)обврзникот за пресметка и уплата придонесите, односно исплатителот на плата кој нема да постапи согласно со решението со кое му е наложено при секоја исплата плата/пензија да уплаќа една третина од износот до целосно намирување на долгот за сметка на должникот (член 140 ставови (1) точка 1 и (2));
Присилна наплата се спроведува на паричните средства на должникот во присилната наплата - со пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата, вклучувајќи ги и средствата од девизна сметка, на уплатната сметка на јавните приходи. Управата за јавни приходи може врз основа на решение, по било кој редослед, да применува едно или повеќе средства на присилна наплата
9)ја попречува постапката за заплена на попишан имот (членови 148 и 153)
Попишаниот движен предмет на кој е впишан залог во корист на Република Македонија или е поведена постапка за воспоставување заложно право во корист на Република Македонија не се запленува од должникот во присилната наплата во моментот на пописот, ако постојат основи на сомнение дека должникот во присилната наплата ќе ја оневозможи продажбата на движниот предмет над кое е воспоставено заложно право на Република Македонија, предметот се запленува во моментот на пописот.
Запленување на недвижност која не е запишана во соодветен регистар ја спроведува даночен извршител во моментот на пописот. Даночниот извршител е овластен да го одалечи лицето кое го нарушува спроведувањето на присилната наплата, како и да побара помош од полицијата ако нарушувањето продолжи или ако лицето кое ја поседува недвижноста одбива таа да ја направи достапна за спроведување на присилната наплата. и
10) ја попречува постапката за јавна аукција (членови 151 и 155).
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за дејствието од ставот (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 300 до 450 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) точки 2, 3, 4 и 5 на овој член.
(4)За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице и трговец поединец може да му се изрече забрана за вршење на дејност односно професија во траење од 30 дена.
Член 179-в Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник-правно лице и трговец поединец за прекршок, ако:
1) не поднесе пријава за регистрација согласно со членот 38 став (5) од овој закон: за доделување на ЕДБ во рок од пет дена од денот на започнување на дејноста и
2) не води деловни книги и евиденции согласно членот 45 (став 1) од овој закон.
Деловни книги и евиденции, особено се:
1)трговски книги, сметководствени документи, записи и пописи, годишна сметка и финансиски извештаи, белешки за применети, сметководствени политики и други документи во врска со организацијата;
2)деловни писма и кореспонденции;
3)сметки за книжење, и/или,
4)други документи, доколку истите имаат значење за оданочување.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за дејствието од ставот (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 1.000 до 1,500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(4)За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице и трговец поединец може да му се изрече забрана за вршење на дејност односно професија во траење од 30 дена.
Член 179-г Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник-правно лице и трговец поединец за прекршок, ако во даночната пријава не внесува точни, вистинити и потполни податоци и не ја приложува пропишаната документација согласно со членот 53 ставови (3) и (4) од овој закон;
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за дејствието од ставот (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 150 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(4)За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице и трговец поединец може да му се изрече забрана за вршење на дејност односно професија во траење од 30 дена.