26.6.2015 10:27:36
Закон за данокот на добивка (Службен весник на РМ, бр. 129/15)
Со овој закон се уредува начинот на оданочување на добивката, стапката по која се пресметува данокот на добивка, обврзниците за плаќање на данокот на добивка, даночната основа за пресметување на данокот на добивка, роковите за плаќање на данокот на добивка, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на добивка. Ќе започне да се применува од 1 јануари 2015 година со утврдување на добивката за деловната 2014 година
Во глава X – ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ во член 43, 44, 45, 46 и 46-a се предвидени глоби за сторен прекршок.
Член 43: (1)Глоба во висина до десеткратен износ од помалку уплатениот данок согласно со одредбите од овој закон, ќе му се изрече на даночниот обврзник за сторен прекршок, доколку за целите на утврдување на даночната основа и даночните олеснувања на образецот за пресметка на данокот наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помала даночна основа.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците од став (1) на овој член.
(3)За прекршокот од ставот (1) на овој закон, покрај глобата на сторителот на прекршокот, ќе му се изрече прекршочна санкција привремена забрана за вршење на дејност во траење од три до 30 дена, а на одговорното лице во правното лице забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три до 15 дена.
Член 44: (1)Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник - правно лице, ако:
1)не го плати утврдениот данок на вкупен приход во пропишаниот рок (член 39 став (2)) - од 30 дена по рокот за доставување на образецот “ДБ-ВП“;
2) во односите со поврзаните субјекти превзема дејствија заради намалено плаќање на данок (член 36) – поврзани лица кои остваруваат значаен меѓусебен промет, по цени кои се разликуваат од цените кои се воспоставени со неповрзани субјекти, со цел да се постигне намалување на данокот; трговско друштва кое презема обврски и искажува расходи кои се однесуваат на работењето со поврзано лице;
3) во пропишаниот рок не ја плаќа месечната аконтација на данокот на добивка (член 40 став (2)) - од 15 дена по истекот на секој календарски месец или
4) во пропишаниот рок не ја плати разликата меѓу платената аконтација и вистинската обврска на пресметаниот данок на добивка (член 41 став (1)) - од 30 дена од денот на истекот на рокот за предавање на годишната сметка (28 март или 15 април – за електронско доставена Годишна сметка во ЦР.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците од став (1) на овој член.
Член 45: (1)Глоба во износ од 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник - правно лице и трговец поединец исплатувач на приходи, ако при исплатата на приходот не го задржи и не го уплати данокот на соодветната уплатна сметка (член 20 став (1)).
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец – исплатувач на приходи, ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршоците од став (1) на овој член.
(3)Глоба во износ од 250 до 375 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице - исплатувач за прекршокот од ставот (1) на овој член.
Домашно правно лице, домашно физичко лице – регистрирано за вршење дејност и странско правно лице или физичко лице – нерезидент со постојана деловна единица во РМ кои вршат исплата на приходи на странско правно лице се должни при исплата на приходот да го задржат и да го уплатат данокот на соодветна уплатна сметка истовремено со исплатата на приходот, освен ако поинаку не е регулирано со Меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување.
Задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Македонија или во странство:
»приход од дивиденди - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од дивиденди означува добивка од акции, или други права на учество во добивката кои не се побарувања на долгови, како и доходот од други корпоративни права кои по однос на оданочувањето имаат ист третман како и доходот од акциите според законите на државите чиј резидент е друштвото кое врши распределба;
»приход од камата од резидент - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од камата означува доход од побарувања на секаков вид долг, независно од тоа дали е обезбеден со хипотека и дали врз основа на нив се стекнува право на учество во добивката на должникот, и особено доход од обврзници или други должнички хартии од вредност вклучувајќи ги и премиите и наградите на тие хартии од вредност, обврзниците или должничките хартии од вредност, како и секој друг доход поврзан со доходот од пари дадени на заем, (освен приходот од камата од точка 2) и 3) на став 2 од членот 21 на Законот). Казнените камати платени за задоцнети плаќања не се сметаат за камати од овој став.;
»приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
»приход од авторски хонорар исплатен од резидент - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од авторски хонорари (права) и други права на интелектуална сопственост, подразбира плаќање од било кој вид, примено како плаќање за употреба или право на користење на авторско право за: книжевно, уметничко или научно дело, вклучувајќи ги кинематографските филмови, софтвер, патенти, трговски марки и заштитни знаци, дизајни или модели, планови, тајни формули или постапка, или за информација во врска со индустриските, комерцијалните или научните искуства, кои права се заштитени со правните прописи и обичаи, со кои се регулира нивното стекнување и употреба.;
»приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
»приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од забавни и спортски активности кои се вршат во Република Македонија, подразбира приходи остварени од организирање и одржување на јавни настапи кои ги вршат организирани групи и поединци исплатени на странски правни лица. Во приходите кои што припаѓаат кон претходно наведените, спаѓаат и надоместоците за: аудиовизуелни услуги, провизии поврзани со филмска и видео дејност, радио и телевизија, лиценци за дистрибуција на права и хонорари, оркестри и други културни и спортски дејности, котизации и чланарини на културни и спортски организации, исплатени во корист на странското правно лице.;
»приход од вршење на:
менаџмент - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од вршење менаџмент услуги подразбира приход остварен од организирање, планирање, координирање, контролирање и мотивирање, во остварувањето на целите на трговските друштва, односно во остварувањето на одредени економски резултати (профит),
консалтинг - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од консалтинг услуги подразбира приход остварен од вршење услуги на служби или организации што се занимаваат со давање на совети и интелектуални услуги во стопански финансиски и технички проекти односно упатства или работи на некој специјален предмет или проект за определен надомест. Под консалтинг услуги се подразбираат и: правни, даночни, сметководствени и ревизорски услуги, кои што странските правни лица ги вршат со надомест за домашните субјекти. Под консалтинг услуги на деловно советување, се смета секој облик на деловно советување или консултација. По исклучок, не се смета за услуга на деловно советување: одржувањето на предавања, семинари, работилници и слични методи на подучување, потоа услуги на инжињери, архитекти и слични услуги кои за резултат имаат пишани документи за постапување (идејни и изведбени проекти, нацрти, упатства и други документи за постапување). За услуги на деловно советување не се сметаат и услугите на посредување и застапување во некоја зделка, како и услугите на користењето на различните бази на податоци.,
финансиски услуги - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од вршење на финансиски услуги се смета приходот на странското правно лице остварен од: 1)издадени гаранции и други видови на обезбедувања; 2)камати од финансискиот лизинг; 3)трговија за своја сметка или за сметка на клиентот, било на берза, преку шалтер или на друг пазар, со: инструменти на пазарот на пари (вклучувајки чекови, сметки, потврди за депозити), девизи, деривативни инструменти кои вклучуваат но не се ограничени на фјучери и опции, инструментите на девизниот курс и каматните стапки, вклучувајки ги работите како што се swaps, термински спогодби за камати; преносливи хартии од вредност; други преносливи инструменти и финансиски средства вклучувајки ги и златните полуги; 4)учество во издавањето на сите видови хартии од вредност, вклучувајки го и превземањето на ризикот и пласирањето, во својство на агенти, и давањето на услуги во врска со тоа издавање; 5)услуги во врска со пресметката и пребивањето на финансиските средства, вклучувајки ги хартиите од вредност, деривативните производи и другите преносливи инструменти; 6)советодавни, посреднички и други помошни финансиски услуги во врска со сите видови на финансиски услуги, вклучувајки ги референците за кредитна способност и анализа, истражување и советување за инвестиции и портфолија, совети за превземање и преструктуирање и стратегии на претпријатијата; 7)посредување во осигурувањето и реосигурувањето (активности на брокери, осигурителни и брокерски друштва и агенти), консултантските услуги, актуарските услуги и услу ите во проценувањето на ризик
и услуги на истражување и развој - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од вршење услуги на истражување и развој е приходот остварен од базни и технички истражувања, лабараториски и други услуги, проекти и елаборати (освен оние кои се однесуваат за инвестиции чија реализација е во тек), услуги на пропаганда, истражување на пазарот, огласување во медиуми, саемски приредби, промоција на производи во странство, анкетирање на јавното мислење. Под услуги на истражувањето на пазарот од овој член, се подразбираат: начин на прибавување на пазарни информации, одредување на карактеристиките на пазарите, мерење на потенцијалот на пазарот, анализа на учеството на пазарот, анализа на продажбата, истражување на трендовите во работењето, краткорочни и долгорочни предвидувања, испитување на понудите на конкуренцијата, истражување на цените, тестирање на нови и на постојни производи на пазарот., ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во Република Македонија;
»приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од осигурителни премии од осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија се смета приходот на странското правно лице остварен од: 1) премија по основ на осигурување на живот; 2) премија по основ на неживотно осигурување и 3) премија по основ на реосигурување, освен премија по основ на реосигурување што друштвата за осигурување и реосигурување на Република Македонија, се должни да го извршат во согласност со закон.;
»приход од телекомуникациски услуги меѓу Република Македонија и странска држава - Член 11 од Правилникот за ДД: Приход од телекомуникациски услуги е приходот од услуги на: обезбедување на јавни фиксни телефонски услуги (локална телефонска комуникација; меѓумесна национална телефонска комуникација и меѓународна телефонска комуникација); обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги; обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети (интернет протокол и други протоколи); обезбедување на услуги на изнајмени линии; обезбедување на јавни услуги за пренос на податоци; обезбедување на јавни радиокомуникациски услуги и обезбедување на други услуги (обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети помеѓу различни оператори и обезбедување на пристап до јавната телефонска мрежа) и
»приход од закуп на недвижности во Република Македонија - Член 11 од Правилникот за ДД: Под приход од закуп на недвижности во Република Македонија се подразбира приходот којшто го остваруваат нерезидентните правни лица од закуп на недвижен имот во Република Македонија. Под недвижен имот се подразбира земјиште (градежно, земјоделско, шумско) и градежен објект на кој странското правно лице е сопственик согласно закон..
Данок не се задржува на следниве приходи:
»на трансфер на дел од добивката на постојана деловна единица на странско правно лице во Република Македонија, на која претходно е платен данок на добивка;
» на приход од камата од должнички инструменти издадени и/или гарантирани од страна на Владата на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија и банки или други финансиски институции кои дејствуваат како претставник на Владата на Република Македонија;
»на приход од камата од депозити во банка лоцирана во Република Македонија и
»на приход остварен од посредување или консалтинг со државни хартии од вредност на меѓународен финансиски пазар.
Член 46: (1)Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник - правно лице ако не и поднесе (“ДБ-ВП“ или “ДБ“) на Управата за јавни приходи соодветен образец во пропишаниот рок (член 39) – до 28 февруари/15 март во тековната за претходната година.
(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршокот од став (1) на овој член.
Член 46-а Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.