За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

26.6.2015 09:47:14

Закон за данок на додадена вредност (Службен весник на РМ, бр. 44/99... 129/15)


Со овој закон се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање. Данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако не е поинаку пропишано со овој закон

Во глава XIV – КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ во членовите 59, 59-б, 60, 60-а, 60-б  и 60-в се предвидени глоби  за сторен  прекршок (Службен весник на РМ, бр. 129 од 31.07.2015 година).

Член 59:(1)Глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец, ако поднесе пријава за регистрација за данокот на додадена вредност по истекот на пропишаниот рок (член 51 став (10)).

(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец, ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(3)За прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице - даночен обврзник ќе му се изрече глоба во износ од 120 до 180  евра во денарска противвредност.

Даночните обврзници чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност или ако сакаат  доброволно да се регистрираат за данокот на додадена вредност од почетокот на секоја календарска година ја поднесуваат пријавата најдоцна до 15 јануари во тековната година.

Ако даночниот обврзник започнал со вршењето на својата дејност во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста. Ако во текот на годината се надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, даночниот обврзник ја поднесува пријавата најдоцна до 15 во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот.

Вкупен промет претставува збир на прометот што го направил обврзникот во текот на календарската година и кој е предмет на оданочување (прометот на добра и услуги  кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност и увозот на добра), вклучувајќи го и данокот кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка во претходниот данок. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година. 

Член 59-б(1)Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец, ако:

1)поднесе даночна пријава до надлежниот даночен орган по истекот на пропишаниот рок (член 41 ставови  (1), (3) и (4)); (се применува од 1 февруари 2014 год.)  

од 25 дена по истекот на даночниот период (тримесечн или месечен) без разлика дали има или нема извршено оданочив промет или во случај на престанок со вршење на дејност во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец во кој престанал со дејноста.

2)неуредно води евиденција (член 52 став (1))

Даночниот обврзник е должен да води уредна и точна евиденција во поглед на основите на пресметувањето на данокот, особено на неговиот промет и претходниот данок кој може да го одбие, како и во поглед на основите на пресметување на данок за прометот извршен кон него во случаите од членот 32-а од овој закон, така што ќе се овозможи лесна проверка на евиденцијата.

Евиденцијата се води врз основа на влезните и на излезните фактури, на царинските документи или на други пропишани документи, во рамките на роковите утврдени за плаќање на данокот. Евиденцијата мора да содржи одделни податоци за: 

1.Прометот на даночниот обврзник, и тоа: даночната основа за тој промет и данокот долгуван за тој промет.  Евиденцијата треба да  го прикаже начинот на кој се врши  распределба на даночната основа на оданочив промет, истиот поделен според даночни стапки, на промет ослободен од данок со право на одбивка на претходниот данок и на промет ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок;

2.Прометот кој е извршен спрема даночниот обврзник и тоа: даночната основа за тој промет и претходниот данок кој отпаѓа на тој промет;

3.Увозот на даночниот обврзник и тоа: даночната основа за увозот и данокот кој отпаѓа на неа;

4.Исправките на даночната основа и на одбитоците на претходниот данок;

5.Данокот долгуван според член 55  став 1 и 2 на овој закон;

6.Претходниот данок кој може да се одбие;

7.Поделбата на претходните даноци и

8.Висината на данокот кој треба да се плати. 

Даночниот обврзник е должен на крајот од календарската година да ги утврди и евидентира соодветните годишни износи. Даночниот обврзник може да ги исполнува евиденциските обврски според и на тој начин, што ќе води евиденција на даночните основи и на даноците во еден збир (бруто-евиденција), но  во тој случај, должен е на крајот од секој даночен период  да го подели збирот на бруто-износите на даночни основи и на даноци и како такви да ги евидентира.

Во случаите од член 32 точка 4 и членот 32-а (се применува од 1 февруари 2014 год., примателот на доброто или корисникот на услугата е должен да ги евидентира даночните основи за даноците кои тој ги долгува. 

3)не издава фактура во пропишаниот рок (член 53)

Фактурата се издава на денот на кој бил извршен прометот, а најдоцна во рок од пет работни дена.  Кога се добива надоместок пред да биде извршен прометот, фактурата се издава во истиот ден кога авансното плаќање е добиено, а најдоцна во рок од пет работни дена. За фактура се смета секој документ кој го издава даночниот обврзник или друго лице по негов налог за извршениот промет. Како фактура се смета и пресметката, со која даночниот обврзник пресметува одреден оданочив промет извршен спрема него од страна на друг даночен обврзник.

По исклучок, при преносот на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата и во извршна постапка не се издава фактура од страна на даночниот обврзник, а од страна на субјектот кој ја спроведува постапката се изготвува решение за предавање на нeдвижноста на купувачот во владение или потврда за извршена продажба согласно Законот за даночна постапка или заклучок за извршена продажба согласно Законот за извршување кои се основ за стекнување со сопственост на движните и недвижните добра и Извештај за задржан данок на додадена вредност во постапка на присилна наплата и присилно извршување од членот 43-а став (2) од овој закон кога доверителот не е стекнувач на доброто, односно Извештај за пресметка на данок на додадена вредност во постапка на присилна наплата и присилно извршување, во случаите кога доверителот е стекнувач на доброто и

4)не поднесе извештај заедно со даночната пријава, до надлежниот даночен орган за прометите извршени во периодот на кој се однесува даночната пријава (член 41-б (се применува од 1 февруари 2014)

Даночниот обврзник кој врши промет на добра и услуги за кој даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот согласно со членот 32-а од овој закон, има обврска да изготви извештај за извршените промети на добрата и услугите од членот 32-а од овој закон. Извештајот се доставува  заедно со даночната пријава за прометите извршени во периодот за кој се однесува даночната пријава.

(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(3)За прекршокот од ставот (1) на овој член на физичко лице - даночен обврзник ќе му се изрече глоба во износ од 150 до 225  евра во денарска противвредност.

Член 60:(1)Глоба во износ од 2.500 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на даночниот обврзник-правно лице и трговец поединец, ако:

1)не поднесе даночна пријава до надлежниот даночен орган (член 41 ставови  (1), (3) и (4);(се применува од 1 февруари 2014 год.)

од 25 дена по истекот на даночниот период (тримесечн или месечен) без разлика дали има или нема извршено оданочив промет или во случај на престанок со вршење на дејност во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец во кој престанал со дејноста.

2)данокот на додадена вредност не го уплати на утврдената сметка (член 43 став (4))

Даночниот обврзник е должен данокот за плаќање да го уплати на сметките утврдени со посебни прописи

3)не поднесе пријава за регистрација за данокот на додадена вредност (член 51 став (10))

Даночните обврзници чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност ја поднесуваат пријавата најдоцна до 15 јануари во тековната година.

Ако даночниот обврзник започнал со вршењето на својата дејност во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста. Ако во текот на годината се надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, даночниот обврзник ја поднесува пријавата најдоцна до 15 во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот.

4)не води или неточно води евиденција (членови 38- д, 52 став (1) и 53-а став (5));- (се применува од 1 февруари 2014) 

- Даночните обврзници мора да водат евиденција за промети на инвестициско злато, во која ќе бидат содржани и податоци кои ќе овозможат утврдување на идентитетот на примателите на овие промети и да ги чува најмалку десет години документите во врска со овие промети.

- Даночниот обврзник е должен да води уредна и точна евиденција во поглед на основите на пресметувањето на данокот, особено на неговиот промет и претходниот данок кој може да го одбие, како и во поглед на основите на пресметување на данок за прометот извршен кон него во случаите од членот 32-а од овој закон, така што ќе се овозможи лесна проверка на евиденцијата и

- Примателот на прометот доставува по електронски пат податоци од евиденцијата  (член 24-а)  за секое календарско тримесечје, до даночниот орган, најдоцна до 25 во месецот по завршување на секое календарско тримесечје

4-a) не доставува евиденција до даночниот орган (член 53-а, став (6 - се применува од 1 февруари 2014 год.)

5)издава неуредна фактура (член 53)

Фактурата мора да ги содржи следните податоци:

» Место, дата на издавање и број;

» Име (назив) и адреса на даночниот обврзник кој го извршува прометот и негов даночен број под кој е регистриран за данок на додадена вредност;

» Име (назив) и адреса на примателот на доброто или корисникот на услугата;

» Ден на извршениот промет;

» Количина и опис на прометот;

» Износ на надоместокот за извршениот промет, без данокот на додадена вредност;

» Применета даночна стапка;

» Износ на пресметаниот данок на додадена вредност;

» Вкупен износ на надоместокот за извршениот промет и данокот на додадена вредност и

» Потпис и печат на издавачот на фактурата.* *се применува до 31.12.2015 година

» Име, презиме и потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата.***се применува од 01.01.2016 година 

6)фактурите или другите документи издадени во согласност со овој закон или деловните книги не ги чува во пропишаниот рок (член  38-д став (2) - (се применува од 1 февруари 2014)  и член 56 став (1) )

Даночните обврзници ја чуваат евиденцијата и документите за промети на инвестициско злато, најмалку десет години, сметано од годината која следи по годината во која е извршен прометот на инвестициско злато и

- Фактурите и другите документи издадени во согласност со овој закон, како и деловните книги на даночните обврзници се чуваат најмалку пет години по истек на календарската година, за која се однесуваат;

(2)Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговец поединец за прекршокот од ставот (1) на овој член.

 (3)За прекршокот од ставот (1) од овој член на физичко лице - даночен обврзник ќе му се изрече глоба во износ од 250 до 375 евра во денарска противвредност.

Член 60-а(1)Одговорното лице во правното лице и физичко лице - даночен обврзник, кои нема да поднесат даночна пријава во пропишаниот рок, или ќе поднесат даночна пријава, но во истата нема да внесат точни податоци, или ќе поднесат даночна пријава а нема да го уплатат долгуваниот данок на утврдените сметки, со цел да се стекнат со поголема имотна корист или вредност,  ќе се казнат со казна затвор од шест месеци до пет години и со парична казна.

(2)Ако износот на обврската од овој член е значителен, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години и со парична казна.

(3)Ако делото од овој член го  стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

(4)Имотната корист прибавена со извршеното кривично дело од овој член се одзема со судска одлука.

Член 60-в Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.