19.11.2015 19:11:14
Дали сте исплатиле регрес за годишен одмор (К-15)?
Согласно Законот за работни односи и општиот колективен договор за приватен сектор на РМ, секој работодавач има законска обврска да исплати регрес за годишен одмор (К-15) заклучно до 31.12.2015 година
Регрес за годишен одмор се исплаќа еднаш годишно и тоа под услов ако работникот работел најмалку 6 месеци непрекинато во календарската година кај истиот работодавач. Оваа одредба се однесува и на вработените кои се на боледување, како и на вработените на кои им престанал работниот однос после 01.07.2015 година, доколку регресот за годишен одмор се исплатува по тој датум.
Минималнот износ на кој треба да се исплати регресот согласно член 35 став 1 алинеја 7 од општиот колективен договор за приватен сектор на РМ изнесува 40% од просечната нето плата исплатена во последните 3 месеци во РМ. За месец Ноември 2015 год. изнесува 8.769 денари нето, односно 9.743 денари бруто (со персонален данок на доход), доколку исплатувате регрес за годишен одмор во месец Декември проверете кој е минималниот износ за исплата.
Максимален пропишан износ нема, меѓутоа даночно признат трошок во бруто износ (нето+персонален данок на доход) е исплатен износ до 12.866 денари. Секој исплатен износ над утврдениот лимит ќе се оданочи со 10% како даночно непризнат расход.
Износот и начинот за исплата на регресот за годишен одмор се утврдува со Одлука донесена од работодавачот, што значи дека можете да го исплатите еднократно или на рати, односно дел во Ноември дел во Декември (да биде исплатен до 31.12.2015 год.)
Согласно последните измени во законската регулатива, се предвидува можност кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со ОКДС. Кај работодвачите кај кои нема избран синдикат, спогодбата ја потпишува избран преставник од работниците.
Физички лица кои остваруваат приходи од самостојна дејност (стопанска дејност, давање професионални и други интелектуални услуги, од земјоделска дејност и други дејности чија крајна цел е остварување на прходи) имаат законска обврска да исплатат регрес за годишен одмор само на вработените, доколку исплатат сами на себе, трошокот се оданочува со 10% персонален данок на доход.