16.7.2015 07:27:59
НЕПЛАТЕНИТЕ ПРИДОНЕСИ ЗА ПИО ДО 2008 ГОДИНА РАБОТНИЦИТЕ МОЖАТ САМИ ДА СИ ГИ ПЛАТАТ
Со одредбите на член 1 од Законот за изменување и дополнување на законот за пензиско и инвалидско осигурување (Службен весник на РМ, бр. 97/15), е уредено:
» Осигуреник кој бил во работен однос и бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а не му е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008 година од страна на обврзникот за пресметка и плаќање на придонес (работодавачот), може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.
Правото на плаќање на придонесот се остварува врз основа на поднесено барање до Фондот за ПИОМ од страна на осигуреникот – физичкото лице / барател. Формата и содржтината на Барањето за пресметка и плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување (Образец БПП/ПИО) е пропишана во Правилникот објавен во Службен весник на РМ, бр. 104/15 кој стапи на сила од 25.06.2015 година.
Плаќањето на придонесот за ПИО се однесува за целиот период кој не е утврден во стажот на осигурување поради неплаќање од страна на обврзникот за пресметка и уплата на придонесот.
Основица за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 50% од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барање за плаќање на придонесот за ПИО, објавена во Државниот завод за статистика на РМ. Плаќањето на придонесот за ПИО се врши според стапката на придонес за ПИО утврдена со закон.
Плаќањето на придонесот се врши по донесување на Решение од страна на Фондот за ПИО и тоа најмногу до 12 последователни месечни рати. За стаж на осигурување се смета доколку во целост е платен придонесот утврден со решението на Фондот за ПИО.
Неплатените придонеси до 2008 година работниците можат сами да ги платат, односно можат да поднесат барање за пресметка и плаќање на придонесот за ПИО најдоцна до 20.06.2016 година.