За Каунт
Друштвото за даночен консалтинг и сметководство КАУНТ Скопје, веќе две децении е лидер во обезбедување на даночни, сметководствени, финансиски и правни услуги на мали и средни субјекти

Поставете прашање

Зачленете се и искористете три бесплатни совети за вашиот бизнис

Повеќе

27.6.2015 06:11:16

Физичко лице – ДДВ обврзник

До 15 Јануари 2015 година, физичките лица кои остваруваат приходи од закуп и под закуп на недвижен или движен имот (деловен простор, гаражи, простории за одмор и рекреација, земјиште, опрема, превозни средства и друг вид на имот) поднесоа пријава за регистрација за целите на ДДВ. УЈП ги регистрира со издавање на Решение за ДДВ обврзник, меѓутоа се појавија доста дилеми и прашања, како:

    - Дали фирмата закупец – ДДВ обврзник, има право на одбивка на влезниот ДДВ по фактура издадена од физичко лице ДДВ обврзник?

    - Дали физичкото лице ДДВ обврзник, при набавка на некоја недвижност има право на одбивка на влезниот ДДВ, односно дали може да го врати ДДВ-то?

    - Дали физичкото лице ДДВ обврзник, е поистоветено со правно лице ДДВ обврзник, односно дали ги има истите права и обврски?

    - Одговорите на овие прашања, како и на други прашања и дилеми, ќе ги најдете во Мислењето од УЈП кое го објавуваме во целост.

 Мислење од УЈП

Согласно член 2 точка 1 од Законот за данокот на додадена вредност (Службен Весник на РМ бр. 44/99...120/14), предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Промет на услуги претставува секоја  дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од ЗДДВ (член 6 став 1 од ЗДДВ).

Даночен обврзник, во смисла на член 9 став 1 од ЗДДВ е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Даночните обврзници можат да бидат правни и физички лица како и здружување на лица. Даночен обврзник е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнување за надоместок. Како правна форма така и правната способност на вршителот на прометот се небитни.

Под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење (член 9 став 2 од ЗДДВ).

Издавањето под закуп на деловни објекти претставува дејност која според својата содржина е стопанска и оданочива, и регистрацијата за ДДВ треба да се изврши согласно условите пропишани во членот 51 од ЗДДВ.

Понатаму како регистрирани даночни обврзници за целите на ДДВ физичките лица ќе имаат обврска да издаваат фактура со пресметан ДДВ по општата даночна стапка од 18% и да го пријавуваат и плаќаат данокот на додадена вредност, но истовремено ќе имаат право на одбивка на претходен данок со исполнување на условите согласно членовите 33, 34 и 35 од ЗДДВ.

Даночниот обврзник (закупецот) на деловниот простор доколку е регистриран за целите на ДДВ  ќе има право на одбивка на претходниот данок за влезните фактури добиени од физичкото лице – ДДВ обврзник со исполнување на условите согласно членовите 33, 34 и 35 од ЗДДВ.

Според мислењето од УЈП може да заклучиме дека физичко лице и правно лице регистриранo за целите на ДДВ ги имаат истите прави и обврски согласно ЗДДВ.

Да напоменеме, дека согласно член 23 точка 2 од ЗДДВ, изнајмувањето на станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели, ослободени  се од обврската за плаќање на ДДВ без право на одбивка на влезниот ДДВ, што значи дека физички лица/граѓани кои изнајмуваат станови за станбени цели немаат обврска да се регистрираат за целите на ДДВ.

Даночното ослободување не важи за изнајмување на станбени простории и простории за ноќевање од страна на хотели, гостилници, пансиони и слични институции заради привремено сместување на трети лица.

Имено, физичките лица/граѓани чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршење на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината да го надмине износот, обврзани се за регистрација за ДДВ.

Пријава за регистрација на ДДВ  се поднесува до Управата за јавни приходи најдоца до:

1) 15-ти Јануари: физичките лица кои во изминатата календарска година освариле приходи од закупнини (на недвижен и движен имот)  над 1.000.000 денари

2) 15-ти Јануари: физичките лица можат доброволно да се регистрираат кои предвидуваат дека вкупните приходи од закупнини (на недвижен и движен имот) ќе го надмине износот од  1.000.000 денари во тековната каледнарска година и

3) 15-ти во месецот кој следи по месецот: физичко лице кое во тековна календарска година ќе оствари приходи од закупнини (на недвижен и движен имот)  над 1.000.000 денари

Почитувајте ги наведените рокови за регистрација на ДДВ обврзник, во спротивно УЈП може да Ви изрече глоба за сторен прекршок.

Додади коментар



Коментари

    повеќе...